„Умен поткаст“ во 2025: Тања Кочовска, Џијан Емин, Перо Арџанлиев…

Шест епизоди „Умен поткаст“ продуциравме во изминатата година. Ни гостуваа интересни личности од културата и образованието со кои имавме супер муабети. Две епизоди беа финансирани од Министерството за култура и туризам како проекти од национален интерес. „Умен поткаст“ е заеднички проект на уредничките Весна Ивановска-Илиевска и Сребра Ѓорѓијевска, камера и светло – Орце Поповски, режија и монтажа – Бранко Ристовски, продукција – Бранко Ристовски и Илија Тирицовски.

Со археологот д-р Перо Арџанлиев, кустос-советник во Археолошкиот музеј во Скопје зборувавме за гробницата што беше откриена во селото Корошишта, кој даде одговори на многу прашања поврзани со погребувањата во Требеништа кои повеќе од еден век се тајна за домашните и за светските археолози. Кои биле луѓето кои живееле во Охридско-струшкиот Регион во 6 век пред новата ера?

Џијан Емин е мултиинструменталист, аранжер, оркестратор, композитор. Постојано немирен во својот музички дух да истражува нови форми, нови изрази, соработувајќи со колеги музичари од земјава, но и по светот. Заедно со Националниот џез оркестар е дел од создавањето на вредна музичка приказна, што расте со секој нов концерт на националната институција. Тој 2025 ја заврши маестрално – со подготовка на оркестрациите и аранжманите на спектакуларното новогодишно шоу што се одржа под куполата на Ал Васл Плаза во Експо Сити Дубаи.

Со археологот д-р Силвана Блажевска, директорка на Националната установа „Стоби“ зборувавме за археолошкиот локалитет кој се смета за крстосница на цивилизациите од дамнешни времиња. Овој антички град позициониран во централниот дел на Македонија постојано е предизвик за археолозите. Стоби е единствениот археолошки локалитет во земјава кој работи како самостојна институција. За значењето и потенцијалот на Стоби чујте во епизодата со Блажевска.

Новинарот Тони Димков 35 години остава траен медиумски печат од културната сцена во Македонија. Речиси нема тип на медиум низ кој Димков како културен хроничар и новинар не прошол и оставил белег со своите интервјуа, разговори, текстови, информации. „Културен печат“ е неговото дело кое излегува секоја сабота, а го подготвува самиот.

Тања Кочовска е една од нашите најдобри актерки на театарските сцени повеќе децении. Актерка со посебна енергија, што ја запоседнува сцената кога и да се појави на неа. Повеќе од 20 години ги засмеваше и радуваше децата во Театарот за деца и младинци, а во изминатите осум години е дел од ансамблот на Македонскиот народен театар во Скопје. Со неа разговаравме на тема предрасуди и како таа се справува со нив и како мајка и како актерка.

Никогаш не вперувајте го прстот во децата. Тие не се виновни за општеството што им го создадовме, вели д-р Тамара Ќупева, научен соработник во Институтот за македонска литература во Скопје. Таа 26 години предаваше македонски јазик во скопската гимназија „Орце Николов“ и многумина и денес ја паметат како омилената професорка. Како се менуваат генерациите низ годините, со какви трауми се соочуваат младите денес, колкаво е влијанието на социјалните медиуми во нивниот живот, колку го владеат македонскиот јазик, зошто е важно наставникот да инспирира…

Сподели