Во времиња како овие, слободата на уметноста е загрозена. Во времиња како овие, загрозена е и слободата на филмската уметност. Но тоа не е сè. Во времиња како овие, следната генерација режисери понекогаш ја обзема страв. Тие не се плашат дека ќе потфрлат како режисерки и режисери, не, не се работи за таков страв. Туку се плашат дека ќе создадат погрешен филм, имено филм што за некого е правилен филм, а кој според владејачкиот дух на времето и според тие што ни го диктираат духот на времето е погрешен филм, рече во своето обраќање годинешниот лауреат на МФФ Киненова, австрискиот режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл.

– Во времиња како овие, еден филм е само тогаш правилен, скапоцен, а со тоа и подобен, ако креира посакуван свет што се претставува како животна стварност, макар што воопшто не одговара животна стварност. Во времиња како овие мора да се прикрие животната стварност за да се создаде политички правилен свет, кој не е отслик на вистинскиот свет, туку е диктат во смисла на т.н. добри луѓе, а е и догма што не смее да се преиспитува затоа што догмата во смисла на добрите луѓе е добра догма. Следната генерација режисери не ги обзема само страв, туку кај нив едновремено провејува и самоцензурата. Човек се цензурира себеси, си ги цензурира идеите, приказните и граѓата, станал претпазлив. Има желба да го задоволи духот на времето, се плаши од моќта на општествените медиуми, со кои не сака да се замери. Човек не сака да направи нешто погрешно, зашто сака да создаде филм, а сака да постигне и успех со филмот што би го создал – рече Зајдл.
Тој додаде дека како млад режисер со своите филмови сакал да го измени светот.
-Моите филмови требаше да го ослободат погледот за она што е вистина и за она што е стварност. Имав намера со нив да гребам по површината, да раскажувам за општествените околности, моќта и односите на моќ, за љубовта и за копнежот по љубов, за страдањето што луѓето заемно си го предизвикуваат и за бездната што е скриена во секого од нас. Но набрзо сфатив. Со филмови, човек, вистина, не може да го измени светот, но и покрај тоа – и дотолку повеќе – мора да се обидува да го измени светот со филмови. А за тоа е потребна храброст. Потребна е храброст, а потребен е и увид за да се раскажува за вистинитото и за човечкото, за овдешното и за денешното, за ужасното и за ужасувачкото, и тоа на сосема сопствен начин, според сопствените замисли, со сопствена слобода, без оглед на тоа кој дух на времето нè пресретнува и сака да ни пропише што човек смее да прави и што сè не смее да прави.
Во времиња како овие, кога се загрозени слободата на уметноста и слободата на филмската уметност, човек мора, а ова е и мој апел до следната генерација режисерки и режисери, да даде отпор. Да се даде отпор против ограничувањата, отпор против прописите, отпор против духот на времето. На европскиот филм му е потребна истрајност Eigensinn и индивидуалност, потребни му се вистинити приказни, а не разубавена стварност.

Тој се заблагодари на наградата од фестивалот.
-Секако се надевам дека моето „животно дело“ сè уште не е завршено. Се надевам дека ќе продолжам да ги создавам токму оние филмови што сакам да ги создадам. Филмови за кои се чувствувам обврзан да ги создадам, филмови што брануваат и предизвикуваат немир. Според тоа, оваа Награда ја разбирам како повик да продолжам да предизвикувам немир.
„Киненова“ ги слави и промовира дебитантите, но секогаш ги има на ум и оние од кои учиме, големите филмски раскажувачи, големите мајстори на седмата уметност.
Фестивалот има важно прашање, кое е дел од фестивалскиот слоган оваа година, а тоа е: „Што е прво? Приказната или филмот? Јајцето или кокошката? Сценаристот или режисерот е прв? Кој е прв? Или од кого почнува сè?
Ова се чести дилеми кои се отвораат во разни дискусии за филмската уметност.
Можеби и никогаш нема да дојдеме до точен одговор. Веројатно таа дилема ќе постои, и најубавото е кога два погледи на една визија ќе се сплотат и ќе произведат автентично филмско дело кое понатаму ќе комуницира со гледачите.

Едно такво изненадување Фестивалот приреди и синоќа со македонскиот филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски. Оваа бескрајно имагинативна филмска анимација е првиот долгометражен анимиран филм во Македонија. Филмот ќе биде дел од главната натпреварувачка програма на КИНЕНОВА 2024, натпреварувајќи се со уште 5 други филма за Гран при, најдобар филм на деветтото издание на фестивалот.
Наредните денови публиката ќе има можнот да ужива богата програма која ќе изобилува со неверојатни, субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни. Покрај шесте филма во главната програма каде ќе има филмови од: Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и Македонија, за првпат во нашата земја ќе се претстави и финската кинематографија, а ќе може да се проследи и творештвото на лауреатот Улрих Зајдл преку филмовите од неговата филмска трилогија „Рај“.





