„Украдени моменти“ од Виктор Соколовски во КИЦ

Во Културно-информативен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе боде отворена изложбата на фотографии „Украдени моменти“ (Stolen moments) од Виктор Соколовски. Тој ќе се претстави со 36 дела. Според Елизабета Дерменкоска-Цефи во нив се препознава прецизноста на проценување на мигот кој треба да се случи, да се роди и живее засекогаш.
– Тоа е фотографијата. Талентот на Соколовски со невидена леснотија и само нему својствен начин успева да го „украде“ убавото токму во мигот, и да го сподели во вечноста со публиката – вели таа.

Соколовски е страстен љубител на музиката и фотограф што со децении фотографира на „Скопскиот џез-фестивал“, „ОФФест“ и на слични музички и културни манифестации во земјава и регионот. Станува збор за огромен број фотографии – најчесто портрети на музичари, направени за време на концертите на кои присуствувал како гледач, но и како фотограф дописник, за еден од најреномираните портали за култура во регионот – SEECULT од Белград.

Соколовски е инаку магистер по геодезија а со фотографија се „заразува“ во детството, на курсевите организирани од Народна техника. Пред публиката првпат самостојно се претставил во Скопје, во 2007 година, во винотеката „Темов“, каде што изложил 200 фотографии, претежно портрети на музичари и гости направени за време на „свирки“ во овој своевремено култен ноќен клуб. Потем, на двапати изложувал во Франција, во Каен и Ифс, каде што ја понудил својата колекција на фотографии снимени во старата скопска чаршија. Изложбата во КИЦ биде отворена до 4 мај.

Сподели