Сите го оспорија спојувањето на ликовно и музичко образование во еден предмет, главно со аргументот дека ова е обид да се измешаат масло и вода. Задржувањето на посебноста на предметите е и единствената битка што ја добија наставниците по ликовно

Намалувањето на часовите по ликовно во основното образование не само што ќе се одрази негативно во индивидуалниот креативен развој на децата, туку на долгорочен план ќе има и негативни последици во културниот идентитет на државата, велат ликовни уметници кои се директно вклучени во образовниот процес во земјава. Новата концепција за основно образование наголемо се подготвува и ќе почне да се имплементира во 1. и 4. одделение во септември.

Кога Министерството за образование и наука го најави предлогот, најголема врева се крена околу предметот историја и интегрирањето на предмeтите. За уметностите гласно говореа само засегнатите наставници. Генерално сите го оспорија спојувањето на ликовно и музичко образование во еден предмет, главно со аргументот дека ова е обид да се измешаат масло и вода. Задржувањето на посебноста на предметите е и единствената битка што ја добија наставниците по ликовно.

Ликовните педагози од земјава се сретнаа со министерката за образование и наука, претседателите на државата и на Собранието, добија писмена поддрша од МАНУ, се сретнаа со претставници на УНИЦЕФ. Издејствуваа ликовно и музичко образование да останат посебни предмети во наставните програми до 9. одделение. Ликовното образование е застапено со еден час од 1. до 9., а предметните наставници се вклучуваат во 4. и 5. одделение со 14 часа.
– Не ги добивме блок-часовите за кои сите знаеме колку ни се потребни. Се потрудивме да го укажиме тоа, да дадеме предлози и забелешки кои сметавме дека позитивно ќе влијаат врз самиот образовен процес, но немаше слух. Добивме голема поддршка за нашите ставови од разни институции и здруженија, огромна благодарност до сите нив. Но, исто така бевме соочени со прилично игнорантски однос од МОН, институција која е надлежна и беше најповикана добро да ја организира најавената реформа – велат од Ликовни педагози на РСМ.

40 минути неделно е прекратко

Гоце Наневски е реномиран скулптор во земјава и професор на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е дециден дека придобивки со ваква поставеност на квантумот на часови недвоисмислено нема да има. За него е нелогично што во создавањето на концепцијата не е вклучен ниту еден експерт по ликовни уметности/ликовно образование. Тоа ја насликува нашата (не)сериозност во суштинското дефинирање на моделот каква образувана единка сакаме да создадеме.

– Вака поставени, бројот на часови нема да генерира ниту доволно квалитет, ниту пак ќе имплицира некаква додадена вредност во развивањето на интелектуалните, емоционалните, креативните и други субстанцијални потенцијали, капацитети, способности, вештини кај децата. Вака, дури тешко може да се препознае и минимум свест за наследените вредности од практикувањето на ликовните уметности во цивилизациска смисла – вели Наневски.

Тој го образложува својот став. Факторот време (40 минути седмично) е прекратко за да интегрален и сериозен развоен процес кој буквално го испуштате низ прстите. Изразувањето кај малото дете е директно врзано со цртежот, односно двонасочниот трансфер низ визуелното изразување, кое се случува пред, но и паралелно со развојот на говорот.
– А ние системски му го намалуваме времето за тоа во цели 9 години од основното образование! Ликовните уметности и нивното организирано практикување генерираат развивање на продлабочена иновативност и креативност кај ученикот. Креативните, иновативните и вкупните интелектуални, емоционални и социјални способности развиени од часовите по Ликовно образование ученикот го детерминираат во индивидуа со развиен потенцијал, односно способности за решавање комплексни и сложени проблеми во генерална смисла – вели Наневски.

Долгорочни негативни последици

Преку овој предмет ученикот минува низ низа креативни процеси кои методолошки ќе умее да ги применува во ситуации во кои треба да се решаваат проблеми. Така се градат капацитетите на индивидуална креативност и инвентивност кај идните инженери, лекари, научници, архитекти, економисти итн.
– Добро да се напомене и сеприсутноста на design thinking – нелинеарниот интерактивен процес кој современото општество го користи за решавање на екстремно комплексни предизвици од применет карактер, а е најблизок со процесите во креирањето во ликовните уметности. Заради инвестиција во креативни и инвентивни кадри, неопходно е часовите по Ликовно образование да останат како посебен предмет и особено важно е бројот на часови од 1. до 9. одделение да не е ништо помалку од 2 часа седмично – вели Наневски.

Според него, работата со талентираните ученици е сосема друг сегмент кој бара посебен и емпириски пристап и тука мора да се биде исклучително внимателен. Изборните часови по ликовното образование мора внимателно да бидат димензионирани во содржинска смисла за да дадат поцелосна слика за ликовните уметности, особено за современите ликовни практики, истражувања и дострели.

– Доколку нашиот стремеж е да создадеме креативна индивидуа која ќе умее да се справува со научни, општествени, културолошки, социјални, медицински и други предизвици, доволно е да ги погледнеме искуства и стратегиите на земји или системи кои имаат развиени креативни достигнувања и начините со кои тие дошле до таквата моќ. Доволно е да ја погледнете поставеноста на ликовното образование и искуството на технолошко високо развиените земји. Конечно, ваквата поставеност на предметот ќе има негативни последици и во културниот идентитет на државата – вели Наневски.

Каде се ликовните секции?

Софија Семенпеева е графички дизајнер и идеен творец на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“. Преку фестивалот таа веќе неколку години е директно вклучена во едукативниот процес на најмалите. Таа смета дека проблемите во однос на предметот Ликовно образование се многу комплексни и длабоки.
– Понекогаш часовите немаат суштина ако на децата не им создадете желба да истражуваат и да создаваат. Сведоци сме преку низа примери како часовите поминуваат колку да поминат и од генерација во генерација не создаваме вредности. Децата го губат интересот за уметностите, академиите ни одблизу не се тоа што беа во времето кога јас студирав и кога квалитетот беше суштински. За да се отвори оваа Пандорина кутија треба многу проблеми да се стават на хартија – вели Семенпеева.

Каде се ликовните секции, каде се државните ликовни натпревари, кога наставниците ги однеле учениците во која било галерија, кога децата од најмала возраст биле вклучени во креативен процес на ниво на училиште? Според Семенпеева, ова се само дел од прашањата на кои одговорите нема да ни се допаднат.
– Се сеќавам, во Богданци, како мојот наставник по Ликовно образование во 6. одделение организираше посета на музеи и галерии во Скопје. Сега скопските училишта не пројавуваат интерес, не па оние од останатите градови. Јас во 5. одделение цртав мурал заедно со соучениците со кои ја посетувавме ликовната секција, печатевме графики, правевме објекти… Сега ова го прават само индивидуалци надвор од системот и тоа верувајте со толку мала, да не речам незначајна поддршка од системот, кој мора да се менува од корен – вели Семенпеева.

Како едукатор на многу ликовни работилници таа тврди дека децата се жедни да создаваат, да творат. Потребно им е малку инспирација за да се втурнат во ликовната уметност и да учат низ творештвото.
– Јас и моите колеги години наназад, на покана на наставници, одевме на часови по ликовно образование и нескромно ќе кажам создававме магија и радост. Вистински дела излегуваа од децата. Уште во 2016 година со тимот почнавме да реализираме ликовни, драмски и музички работилници со деца. Тоа се најубави моменти. Во мојата архива има повеќе од 5.000 детски цртежи со кои сакам да направиме еден настан, кој верувам ќе инспирира многумина – вели Семенпеева.

Суштината лежи во наставникот

Ликовна уметност се учи од мали нозе низ игра и истражување. Се црта Сончевиот систем, па може да се вклучат и 3Д-предмети кои ги користиме во секојдневието, вели Софија Семенпеева.
– Јас секогаш сум за квалитет, не за квантитет. Го сведочам основното образование преку ќерка ми. Во изминативе три години научив дека суштината лежи во наставникот. Ако тој не им создаде желба за креативност и не ги мотивира, сè е џабе. Среќна сум што ќерка ми и нејзините соученици многу работи учат низ цртање. Секој текст по македонски го илустрираат, природни науки цртаат… Наставниците во основно образование треба да посетуваат семинари за развој на креативноста на децата. Ние како фестивал, во 2019 година имавме работилница за наставници од претшколска и одделенска настава. Интересот беше голем, а некои од нив со кои комуницираме применуваат многу нешта од дискусиите. Во ова време-невреме уметноста им е повеќе од потребна на децата, но и нам возрасните. Да се трудиме системски и суштински да се решаваат нештата. А ние вонинституционално се трудиме и работиме на развој на креативноста кај најмладите. Друго прашање е колку тоа е препознаено и поддржано од државата, но нашиот ентузијазам е поголем од сите лоши политики – завршува Семенпеева.

Фото: Фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.