UI/UX и графички дизајн – нова студиска програма на „Бреинстер некст колеџ“

„Примена на информациски технологии – Дизајн на кориснички интерфејс/искуство и графички дизајн“ е новата студиска програма, единствена од овој тип во Македонија што ќе се изучува на првиот практичен ИТ-факултет во земјава, „Бреинстер некст колеџ“ (Brainster Next College). Покрај постоечката студиската програма „Софтверско инженерство и иновации“ матурантите ќе може да студираат UI/UX дизајн и графички дизајн како комплементарни области. Програмата која се фокусира на софтверските алатки и примената на информатичка технологија во овие области.

– Ова е единствена и уникатна додипломска студиска програма кај нас бидејќи во својот курикулум содржи предмети од областа на графичкиoт дизајн, UI/UX дизајнот, фронтенд програмирање, 3Д моделирање и анимации кои како вештини и компетенции се барани од страна на компаниите. Ние сме и практичен ИТ-факултет, што значи дека овие предмети ќе се изучуваат практично, преку работа на реални проекти, решавање на практични предизвици и работа со мали групи на студенти. Има и теорија, но таа е во служба на праксата на нашиот колеџ – вели Александар Клашниновски, генерален менаџер на „Бреинстер некст колеџ“.

Студентите ќе учат софтверски програми, апликации и програмски јазици на практичен начин. Според Ема Кастратовиќ, академски координатор на факултетот, програмите се идентични со оние коишто ги употребуваат најголем дел од компаниите.

– Со ова ќе се надмине една од најголемите забелешки што ја има индустријата во однос на дипломираните студенти кај нас, односно студии базирани на теорија, немање практично искуство и учење на застарени концепти – објаснува Кастратовиќ.

Покрај редовните професори и експертите од ИТ-индуструјата во наставата ќе бидат вклучени и гости предавачи во рамки на одредени предмети од глобални ИТ-гиганти, како и претприемачи и професори од познати светски универзитети. „Бреинстер некст колеџ“ почна со работа лани, а основач е едукативно-технолошката компанија „Бреинстер“. На студиската програма Софтверско инженерство и иновации се запишале 46 студенти, а факултетот е препознатлив и по тоа што го нуди уникатниот модел за финансирање на студиите „Студирај сега плаќај по вработување“.

Повеќе информации на ЛИНКОТ.

Сподели