Училницата не е место за натпревар, туку е дом во кој секое дете се труди денес да биде подобро од вчера

Кога секој наставник би ја гледал паралелката како едно големо, прекрасно семејство, би имале многу подобро образование и посреќни деца

Пишува: Маја Георгиева-Павловски, одделенски наставник, семеен и системски советник

Во оваа колумна нема да говорам за моите професионални успеси, моето образование, дипломи и сертификати. Во оваа колумна ќе говорам за нешто што ја исполнува душата со мир, спокој и среќа. Нешто што не е поврзано со титулите, туку со човечноста. Оваа колумна ќе ја започнам со една реченица која ме води мене како личност низ секојдневието. Ако ја сакаш работата што ја работиш секој ден, ќе бидеш исполнет со среќа. За мене најважна е љубовта, љубовта која е потребна на сите и за сè што правиме. Колку вложуваме во она што го правиме, толку и ќе добиеме. Кога она што го работиме го работиме со многу љубов, единствено што може да добиеме е двојно повеќе љубов. Со децата е токму така. Децата ја чувствуваат искрената љубов, добрината, позитивната енергија. Секој што работи со деца, покрај тоа што треба да има соодветно образование и да инвестира секојдневно во себе, треба да сака деца – тоа е многу значајно, уште позначајно од сите титули и дипломи.

Маја Георгиева-Павловски

Училницата не е само место во кое се совладуваат наставните содржини, се прават тестови и се подготвуваат децата само за петки. Децата не се оценки, ниту бодови на тест. Децата се најголемото богатство какви што се, секое посебно на свој начин. Училницата не е натпревар за победа. Училницата е дом. Дом во кој нема конкуренција, дом во кој секој се труди да биде подобар од самиот себе. Денес да е подобар од вчера. Децата ќе научат да читаат и пишуваат, но да не забораваме да ги негуваме значајните вредности во животот – добрината, помошта, поддршката, почитта на различностите, другарството, емпатијата и љубовта. Ако сакаме да имаме подобро образование и посреќни деца ќе мора и ние возрасните што работиме со деца да се потрудиме малку повеќе. Ќе мора прво ние да работиме на себе, за да бидеме пример за децата. Казните за кои постојано пишувам нема да направат подобри деца. Разговорот и активното слушање ќе направат подобро однесување, затоа што нема лоши деца, туку лошо однесување во некој даден миг.

Како добитник на титулата најдобар наставник од нашата држава, награда која ја добив во Требиње, Босна и Херцеговина, среќна сум и горда за наградата, затоа што ја добив за моите едукативно-креативни работилници посветени за негата на менталното здравје. Децата треба од најмала возраст да се грижат за својата ментална хигиена.

Од голема важност за успех на учениците е и соработката со родителите. На ова би кажала вака – кога родителот го гледа среќно своето дете, со преголема желба да оди на училиште, а со тага кога е отсутно од час, неминовна е прекрасна соработка. Родителите се мојата најголема поддршка за реализација на секоја идеја и во училиште и надвор од училиште. На децата им треба внимание и разговор. Ние имаме посебна просторија „Соба на тајни“. Паузата која ја имам за време на голем одмор со задоволство ја поминувам со моите ученици. Секој ученик кога ќе има некој проблем или ќе се почувствува тажен, вознемирен, навреден ме повикува и заедно разговараме сами. Среќа е децата да имаат доверба во наставникот. Уште поголема среќа е кога од собата за тајни децата излегуваат насмеани и знаат дека сум тука за да решиме секаков проблем. Секој проблем има решение.

Кога секој наставник би ја гледал паралелката како едно големо, прекрасно семејство би имале многу подобро образование и посреќни деца. И во нашата паралелка имаме понекогаш недоразбирања, но ние конфликтите ги решаваме со почит и слушање на секој кој зборува и со заедничко решавање на проблемот. Од секој конфликт излегуваме и влегуваме во компромис, а тоа е и основата за едно функционално семејство. Во нашата паралелка имаме правила на однесување што сите заедно ги почитуваме, не на сила, не дека мора, затоа што знаеме дека правилата се за наше добро и за добро функционирање на нашата паралелка.

Секој наш час е наша посебна бајка. Ниту еден час не е час само со учебник. Имаме прекрасни игри преку кои многу се учи. На секој час му даваме нешто наше автентично. Токму и од таа причина на вратата ни пишува: „Ако сакаш да си АС, дојди учи ти кај нас“. Она што секојдневно го повторувам е да не забораваме да бидеме благодарни за секој ден и за сè што имаме.
А јас? Јас сум благодарна што работам со деца. Јас сум благодарна што мојата бајка ја живеам благодарение на моите ученици. Секојдневно се заблагодарувам за оваа привилегија што ја имам да бидам дел од животот на децата, можноста да учиме и растеме заедно. Благодарна сум што секојдневието ми е исполнето со погледи што зрачат љубов, со искрени зборови и најтопли прегратки.

Сподели