Училиштата треба да прераснат во средини кои поттикнуваат позитивен пристап кон менталното здравје. Важна е континуираната обука на наставниот кадар и воведувањето на нови методологии за работа со младите. Може да се создаде системска поддршка за младите, која ќе ги поттикне да се грижат за себе и своето ментално здравје, но потребен е систематизиран и координиран пристап за справување со менталните здравствени проблеми, преку вмрежување на знаењата и ресурсите. Ова беа дел од заклучоците на тркалезна маса на тема „Ментално здравје и благосостојба кај средношколците“ што неделава се одржа во хотелот „Парк“ во Скопје. Настанот беше дел од пошироката кампања, „Твоја приказна, наша поддршка“ чија цел е да ги обедини релевантните чинители и носителите на одлуки за заедничка дискусија и креирање системски решенија за подобрување на менталната здравствена поддршка во училиштата.
На дебата учествуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска, заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, претставници од ХЕРА, претседателот на Сојузот на средношколци Берин Мухамед, Александра Филипова – програмски менаџер во Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), како и претставници од Фондацијата за демократија на Вестминстер, Бирото за развој на образованието и Колективот на стручни соработници предводени од психологот Ана Попризова.
Јаневска истакна дека државата веќе обезбедува поддршка за менталното здравје на учениците преку Програма за психосоцијална поддршка во основните и средните училишта.
– Постојат стручни тимови на психолози и педагози во училиштата кои заедно со наставниците посетуваат обуки од оваа област. Исто така, училиштата имаат годишни програми кои предвидуваат активности посветени на менталното здравје на учениците – рече Јаневска и додаде дека министерството моментално води јавна дебата за нови законски решенија, меѓу кои и законите за основно и средно образование.
Велковски ја потенцира важноста на интегрираниот пристап кон менталното здравје кај младите. – Потребно е институциите заеднички да делуваат со цел да создадеме здрава и поддржувачка средина за младите. Мораме да ги зајакнеме ресурсите и да воведеме иновации кои ќе овозможат училишните психолози, како и останатите стручни лица, да работат ефикасно со учениците – изјави Велковски.
Филип Ивковски, програмски координатор во „Младите можат“, додаде вели дека целта на тркалезната маса е да се обединат сите чинители кои работат на полето на ментално здравје и благосостојба на младите за да се поттикне вмрежување и создавање системски решенија.
– Важно е што институциите веќе покажуваат свесност за темата и веруваме дека заедно ќе успееме да изградиме училишта кои активно ќе се грижат за менталното здравје на младите – вели Ивковски.
Учесноцоте нагласија дека е потребно преминување од дискусија кон акција, за младите да добијат конкретни ресурси за поддршка на нивното ментално здравје. Настанот беше организиран со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер, ХЕРА и Фондот за население на ООН.