Училиштата да ги пријават, МОН ќе ги замени парталавите учебници

Училиштата да не им делат парталави учебници на основците и средношколците, туку да пријават во Педагошката служба при Министерството за образование и наука колку нови учебници за секој предмет им се потребни. До 1 септември ќе бидат отпечатени и доставени до училиштата, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.

– Секое училиште има комисија за учебници која лесно може да процени дали еден учебник може да се употребува. Тоа што не е за употреба не смее да се враќа во библиотечниот фонд и потоа некому да се доделува. Треба да се извести Педагошката служба при министерството и потребниот тираж ќе биде надополнет. Ќе бидат заменети со нови пред почетокот на новата учебна година. За оваа намена обезбедени се пари и нема потреба да ги разочаруваме ниту учениците, ниту нивните родители кои оправдано реагираат до министерството дека нивните деца добиваат учебници без корици и искинати страници – вели Јаневска.

Учебниците од прво до трето одделение секоја учебна година се печатат во полн тираж зашто се т.н. „работни учебници“ кои содржат материја што се пополнува со пишување, боење и сечење.

Нови учебници со надградена содржина ќе има и за седмо одделение, затоа што од септември започнува примената на нови наставни програми.

– Ја модифициравме Концепцијата за основно образование на претходната Влада, која предвиде интегрирање на предмети како историја и географија, хемија и физика во седмо. Ги одвоивме, на барање на пошироката јавност, а најмногу на барање на наставниот кадар и затоа имаме нови наставни програми и нови одобрени учебници кои наскоро ќе бидат печатени – рече Јаневска.

Таа додаде дека за прв пат по шест години, учениците во основните училишта ќе имаат учебници по сите странски јазици. Нови учебници по дел од предметите ќе има и во гимназиското и во средното стручно образование. Годишно во просек за набавка на учебници, министерството издвојува околу 660 милиони денари.

Сподели