Учете и вложете се максимално, зашто на Институтот за биологија го следат вашиот напредок!

Како студент на молекуларна биологија со генетика, практичната настава, односно вежбите кои ни се задолжителен дел од студиумот на нашиот смер и се одвиваат во лаборатории ја нудат една од најважните основи за стекнување нови рутини и знаења кои се на многу високо ниво – вели апсолвентката Деница Ангеловска од Скопје

За секој љубител на биологијата и општо на природата, Институтот за биологија е вистинското место во кое припаѓа. Нашиот институт нуди реална практична настава во која се промовира самостојна работа на студентите како дел од вежбите. Професори, кои се желни несебично да го пренесат своето знаење на идните генерации. Профеосри кои се врвни во своите научни достигнувања не само во Македонија, туку и во странство. Исто така студирањето на нашиот институт отвора можности за понатамошен кариерен развој во полето на науката како што се постдипломските студии, но и голем спектар на вработувања како во лаборатории така и во светски познати компании, вели Марија Маркова, студентка во четврта година на Молекуларна биологија и генетика на Природно-математичкиот факултет.

Марија Маркова

Марија е една од студентките што имала голема желба да се вклучи во научноистражувачката дејност на нејзиниот факултет. Од оваа академска година таа се приклучила да волонтира во лабораторијата за молекуларна биологија и геномика, каде може да биде дел од изведување молекуларни анализи како дел од истражувањата што се прават во истата.

– Насочени сме кон молекуларни истражувања на различни типови канцер, генетски промени кои потенцијално би довеле до развој на канцер. Информациите добиени од овие истражувања понатаму би можеле да се користат и за развивање на таргетирани генски терапии. Во меѓувреме исто така работам и на својот дипломски труд – вели Маркова.

Таа додава дека го сака полето во кое секојдневно се усовршува и сака знаењето да го пренесува на поновите генерации.

Ненад Ѓорѓиоски

Нејзиниот колега Ненад Ѓорѓиоски, пак е посветен на биохемијата и физиологијата. Токму нивната меѓусебна поврзаност и релевалност со проблемите од реалниотт свет и најмногу го привлекуваат кон овие области.

– Со истражување на хемиските процеси во клетките и организмите, добиваме увид во механизмите кои ги поткрепуваат биолошките функции, со други зборови биохемијата обезбедува патоказ за разбирање на сложеноста на животот. Покрај тоа, биохемијата е инхерентно интердисциплинарна. Овој пристап не само што го збогатува нашето разбирање за биолошките системи, туку и ни овозможува да направиме значајни придонеси во науката, медицината и голем број други области – вели Ненад.

Тој објаснува дека Институтот за биологија нуди разнообразни можности за продлабочување на своите интереси преку лабораториските вежби и предавањата од реномирани професори во нивната област.

– Знаењата кои се стекнуваат при студирањето на биологијата може да најдат широка примена речиси во сите аспекти од решавањето на глобалните проблеми. Дадената можност како млад студент истражувач да учествувам во проекти кои се базирани токму на моите интереси и стекнатото искуство од моите ментори ми дава огромна желба преку едукација да ги поттикнам младите кои сакаат да истражуваат и да им го пренесам моето искуство со цел збогатување на заедницата со нови и мотивирани истражувачи – вели тој.

Последни проекти на кој тој работеше е истражување од областа на нервната регенерација – заедничка соработка на Катедрата за општа и анимална физиологија во соработка со Медицинскиот и Ветеринарниот факултет. Се истражува влијанието на активни материи од различни ткива врз репарација или регенерација на оштетени делови од периферните нервни ткива. Истражувањето се врши на бели лабораториски стаорци со надеж дека тоа ќе овозможи употреба на третманот кај луѓето.

Деница Ангеловска е апсолвентка на  молекуларна биологија со генетика, област за која таа вели „кога ќе ме прашаат што студирам, им побудува една збунета фацијална експресија, им звучи премногу сложено и неразбирливо и веднаш следи прашањето: Кога ќе дипломираш, што ќе работиш со тоа?”

– По дипломирање, а и во текот на студиите моето работно место  е лабораторијата, работната задача на секој молекуларен биолог зависи од неговото поле на интерес, можеби тоа ќе бидат растенија, животни, микроорганизми или, пак, луѓе. Молекуларната биологија е научно поле кое дава можност за разгранување во повеќе други. По дипломирање секој молекуларен биолог може да работи на испитување различни гени; нивните мутации и како тоа ќе влијае, на пример на нормалната функција на даден орган во човекот; може да се следи трансмисијата низ генерации на некоја наследна болест; пренаталното откривање одредени синдроми кои може да бидат инкомпатибилни со живот и слично. Сето ова е само дел од работата на еден молекуларен биолог – објаснува Деница.

Таа е демонстратор на вежбите на оваа катедра кај проф. д-р Џоко Кунгуловски и проф. д-р Наталија Атанасова-Панчевска.

Мојата област на која во моментот сум јас посветена е подетално откривање на светот на микроорганизмите. Таа ја користи можноста да научи повеќе посетувајќи меѓународни конгреси. Последен таков бил во Србија во април годинава.

– Тие прилики се од непроценливо значење, бидејќи тука успеваш да разбереш колку твојата професија во иднина може да понуди на светот. Разговорот со стручни лица од целиот свет уште повеќе ти ги отвора погледите кон науката. Една од најубавите и најпозитивни работи што ги нуди светот на биологијата е дека постојано излегува нешто ново, нешто неоткриено, природата е една неисцрпна ризница на нови знаења – вели Деница.

Со самата помисла дека секое ново предавање или вежби дознаваш нешто повеќе за природата од која си и ти дел, ти го зголемува стимулот да напредуваш уште повеќе, уште повеќе да осознаеш кој и што си ти, од каде потекнува се околу тебе, вели Деница.

– Тимот на професори и асистенти неуморно и максимално се вложуваат на своите студенти да им овозможат отворени врати кон светот наречен биологија. Како студент на молекуларна биологија со генетика, практичната настава, односно вежбите кои ни се задолжителен дел од студиумот на нашиот смер и се одвиваат во лаборатории ја нудат една од најважните основи за стекнување нови рутини и знаења кои се на многу високо ниво. И, покрај одредените материјални потешкотии со кои се соочуваат поголемиот дел од лабораториите на нашиот Институт, знам и убедена сум во тоа да сите членови кои се дел од тие катедри максимално се трудат истите да не ги почуствуваме ние студентите, тоа значи да сите потребни материјали и услови се секогаш обезбедени за непречен тек на нашата практична настава – вели Деница.

Исто нешто особено важно што можам да го кажам за асистентите и професорите е тоа да се трудат да го анализираат прогресот на секој студент и да го проценат неговиот потенцијал, а со тоа да му дозволат да биде вклучен во работата и активностите на дадената катедра – вели Ангеловска.

-Би било неблагодарно доколку вака јавно не изразам едно големо благодарам до асистентката м-р Софија Костандиновска, дел од Катедрата за микробиологија и микробна биотехнологија која ме пронајде и ми ја пружи сета енергија и посветеност да ме научи на многу работи за светот на микроорганизмите, ми овозможи да бидам дел од голем број проекти, настани, разговори со други лица од научната фела… Една од причините зошто ме повика токму јас да бидам дел од нивната катедра е еден мој тест како дел од полагање на колоквиум, поточно моите одговори беа еден од клучните тригери денес да сум таму каде што сум. Овој пример го посочувам до сите идни студенти, учете и дадете го својот максимум бидејќи на овој институт има лица кои го следат вашиот напредок, верувајте ми! – вели Ангеловска.

Деница интензивно работи на проекти на својата катедра, како и на последните анализи од нејзиниот дипломски труд.

„Не се занимавај со наука, во наука нема пари“ – многу често го слушам ова. Moжам да порачам дека се лажат, лошо ја формулираат реченицата, бидејќи за да има наука треба да се вложуваат пари, а за жал, во земјава скоро и да не се вложува.

– Ова може да го разберат само тие кои се дел од научниот свет. Меѓутоа ова има и друга страна, нашето општество генерира лажни магистри, доктори на науки кои едноставно само си ја плаќаат титулата и дури и самите не знаат за што точно им е доделена. И наместо тие пари да завршат на вистинско место, само продуцираат титули кои ништо добро не и носат на науката освен подобро работно место за тие индивуи. Титилата им е само две букви пред името и мислат дека така можат да го сменат статусот во општество, а притоа немаат никаков придонес за науката и сферата во која се магистри, на пример – децидна е Ангеловска.

Филип Петровски од средношколските денови бил заинтересиран за природните науки, воглавно биологијата како една од најактуелните научни дисциплини на 21 век. Преку учеството на натпреварите по биологија, воедно и подготовките за интернационалните олимпијади по биологија (IBO2020 и IBO2021), имал можност да се запознае со работата на различните катедри на институтот. Тоа придонело да ги избере студиите по молекуларна биологија со генетика.

– Уште од првата година студии сум практикант на Kатедрата по анимална физиологија каде имав можност за работа на неколку научноистражувачки проекти. Некои од нив вклучуваат испитување на влијанието на масло од оригано врз различни афлатоксини, влијание на масло од канабидиол врз дијабетични стаорци и сл. Покрај тоа, волонтирам на Kатедрата за хистологија и ембриологија, односно помагам при подготовка за изведувањето на практичната настава. Меѓутоа, дел од знаењето коешто може да се стекне за време на студирањето е преку теренските активности организирани од Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ). Како член на миколошката секција имам можност да научам нешто повеќе за разнообразните видови габи, но и да стекнам нови пријателства – вели Филип.

Факултетот нуди инклузивна средина со висококвалитетни професори и млади асистенти кои се секогаш достапни за комуникација. Моментално, моето поле од интерес е биоинженеринг на ткива (tissue engineering) и регенеративна медицина. Се надевам дека во блиска иднина, со отворањето на новата лабораторија за клеточни култури, ќе започнеме со работа од оваа област – објаснува Филип.

Сподели