Ученици од 15 до 18 години ќе избираат предмети што се полесни, а не посоодветни за нив

Образовен систем што дозволува вакви избори да го одредат идниот академски капацитет на STEM кадрите не обезбедува доволна структурна заштита, вели Марјан Стојановски, дипломиран професор по хемија и наставник по овој предмет во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес, кој укажува на недостатоците на предлог-концепцијата за гимназиско образование

„Предлогот хемијата во завршните две години од гимназиското образование да стане изборен предмет не го доживувам како административна измена, туку како суштинска интервенција во научната вертикала на средното образование. Со ваквата поставеност се отвора можност ученик да не изучува органска хемија и биохемија, а сепак да продолжи студии во природно-математичките, медицинските, земјоделските, техничките и технолошките науки“, вели Марјан Стојановски, дипломиран професор по хемија и наставник по овој предмет во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес. Во реакцијата до Умно.мк, тој објаснува дека како наставник по хемија во гимназиско образование, чувствува професионална одговорност јавно да го изнесе своето стручно видување во однос на предложената Нацрт-концепција за гимназиско образование што Министерството за образование и наука ја стави на јавна дебата, особено во делот што се однесува на статусот на хемијата во 3 и 4 година.

Според Стојановски, органската хемија и биохемијата не се содржини со изборен карактер, туку темел за разбирање на биомолекуларните процеси, фармаколошките механизми, метаболизмот и молекуларната основа на животот, материјалите, енергетските процеси, индустриските технологии и современите инженерски решенија. Хемијата како фундаментална наука ги поврзува природните, медицинските, техничките и технолошките дисциплини, и нејзиното маргинализирање има интердисциплинарни последици.

– Како наставник кој непосредно работи со ученици на возраст од 15 до 18 години, свесен сум дека изборот на предмети во таа фаза не секогаш се темели на долгорочна академска стратегија туку зависи од моменталниот интерес или перцпираната тежина на предметот. Образовен систем што дозволува вакви избори да го одредат идниот академски капацитет на STEM кадрите не обезбедува доволна структурна заштита – вели Стојановски.

Тој смета дека ако се усвои предлог-концепцијата во оваа форма, тоа ќе води кон:
– намалување на систематската научна подготовка;
– пад на академската сигурност кај идните студенти во природно-математичките, медицинските, техничките и технолошките науки;
– зголемена зависност од приватни подготовки;
– продлабочување на образовната нееднаквост;
– долгорочно слабеење на научниот, здравствениот и технолошкиот потенцијал на државата.

За да се избегнат долгорочни негативни последици, Стојановски предлага:

– Органската хемија да остане задолжителна во 3 година, како минимален академски стандард за сите ученици во гимназиско образование.
– Биохемијата да има задолжителен или нормативно заштитен статус во 4 година за учениците со природно-математичка ориентација.
– Да се воспостави STEM-заштитен механизам, со кој учениците што планираат студии во природно-математичките, медицинските, техничките и технолошките науки ќе имаат гарантиран академски континуитет.
– Да се направи дополнителна стручна анализа и јавно да се објават резултатите од неа, со вклучување на универзитетски професори и експерти од релевантните области, пред финално усвојување на концепцијата.

Стојановски смета дека без вакви корективни мерки, предложеното решение може да резултира со намалување на систематската научна подготовка, зголемена зависност од приватни подготовки и долгорочно слабеење на научниот, здравствениот и технолошкиот потенцијал на државата.

– Прашањето за статусот на хемијата во гимназиското образование не е предметно прашање, туку прашање на стратешка ориентација на образовниот систем. Начинот на кој денес ќе ја поставиме научната основа на средното образование директно ќе влијае врз квалитетот на идните лекари, инженери, фармацевти, технолози, агрономи и истражувачи. Затоа сметам дека оваа тема заслужува сериозно, одговорно и стручно преиспитување пред да се донесат конечни одлуки – завршува Стојановски.

(В.И.И.)

Насловна фотографија: Архива / Извор: ПМФ

Сподели