Со Коложег-Гиевска, која е тренер за дигитален маркетинг, разговараме за можностите што ги нуди оваа област во пресрет на Академијата за дигитален маркетинг наменета за сите заинтересирани жени и девојки од ранливи категории од земјава, што ја организира SEDC
Никогаш не е доцна да се започне од нула. Сите сме почнале така. Сè додека постои страст за професијата и внатрешна мотивација тогаш може да се научи и постигне, вели Александра Коложег-Гиевска, тренер за дигитален маркетинг. Со неа разговараме за оваа професија и можностите што ги нуди во пресрет на Академијата за дигитален маркетинг наменета за сите заинтересирани жени и девојки од ранливи категории од земјава, што ја организираат Сеавус Едукативен и развоен центар во соработка со IMPACT Foundation. Академијата е поддржана од програмата RECONOMY.
Коложег-Гиевска е дипломиран економист (департман е-бизнис) на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ко-основач на MOTION.
Дигитален маркетинг, професија која денес е сè поактуелна. Што точно подразбираме под поимот дигитален маркетинг?
– Дигиталниот маркетинг е многу широк поим, но наједноставно може да се опише како гранка на маркетингот која живее онлајн и им овозможува на брендовите да се поврзат со своите потенцијални купувачи преку промоција на дигиталните медиуми која е прикажана на нашите мобилни телефони, лаптопи и останати уреди.

Александра Коложег-Гиевска
Како професија е сè поактуелна поради нејзината трансформирачка природа која буди чувство на возбуда и го задржува вниманието, а исто така поради флексибилноста која им овозможува на луѓето да работат како дигитални номади наспроти конвенционалните принципи на работа во канцеларија од 8 до 4. Оние кои работат во оваа сфера имаат можност секојдневно да ја употребуваат својата имагинација, постојано да создаваат и откриваат нови работи, така што дигиталниот маркетинг е сè, освен досаден. 😃✨
Кои сè области ги опфаќа оваа професија?
– Од развој на веб-страници и апликации во креативниот сегмент, до водење социјални мрежи и рекламирање, креирање содржини, брендирање, имејл-маркетинг и афирмација на онлајн-продажба… дигиталниот маркетинг е навистина разновиден. Овие области можеме да ги гледаме на макрониво, затоа што во нив е сочинет еден цел микроверзум од помали области. На веб и припаѓаат UX/UI, SEO и е-комерција, на социјалните медиуми Facebook/Instagram, YouTube, Twitter итн, или пак на креирањето содржини, мултимедија, текст и графички дизајн. Можеме да навлеземе уште повеќе, па да разложуваме на субпрофесии како акаунт менаџер за социјални мрежи, или професионалец во Adobe Illustrator, така што оваа сфера е еден голем дигитален универзум. 😊
Како тренер за дигитален маргетинг, што ги учите Вашите студенти? Што е потребно за да се биде добар во оваа професија?
– Најважно е да се биде во тек со најновите трендови, бидејќи дигиталниот свет е жива материја која постојано се менува, па никогаш не може да кажеме дека знаеме сè. Желбата за континуирано надградување на знаењето како и употребата на креативност и проактивност се мошне моќен склоп на карактеристики кај еден добар дигитален маркетер. Исто така, не треба многу за да се почне. Еден солиден лаптоп или компјутер може да ве однесе многу далеку. Последно, но не и најмалку важно, е пронаоѓањето на сопствениот „niche“ односно гранка, бидејќи на тој начин можете да станете експерти и да бидете најдобри во тоа што го правите, што е многу поисплатливо отколку да имате познавања од сè по малку, па да треба да се натпреварувате со поголема конкуренција.
Колку е важно предзнаењето, претходно искуство или успешни може да бидат и оние што почнуваат од нула?
– Не би сакала да генерализирам, бидејќи постојат секакви ситуации и сечија приказна е различна, но тргнувајќи од себе можам да кажам дека претходното искуство како активен волонтер во интернационални студентски организации ми овозможи да го откријам својот претприемачки дух и да се насочам кон маркетингот како дејност. Најголемата придобивка беше што наученото можев практично да го применувам преку активностите кои ги спроведувавме. Дополнително, другарствата што ги стекнав за време на тој период беа најголемата причина за основање на маркетинг-агенција, бидејќи денес тие луѓе се дел од тимот ко-основачи на MOTION исто како и јас.

Секако, никогаш не е доцна да се започне од нула; кога ќе размислам, сите сме почнале така. Сè додека постои пасија за професијата и внатрешна мотивација тогаш може да се научи и постигне. Почетоците треба да се возбудливи и да пробудуваат пеперутки во стомакот. Нормално е да постојат и чувства на страв и сомнеж, но колку повеќе се зголемува знаењето толку побрзо ги сменува тие емоции и сфаќате дека сте на правиот пат да станете тоа што сакате.
Какви можности за работа нуди оваа професија денес и на домашниот и на меѓународниот пазар, особено што со пандемијата секој аспект на дигиталниот свет доби примат?
– Овој тип професии се популаризираа уште во раните двеилјадити, но станаа мегапопуларни во последните години кога светот се соочи со пандемија. Факт е дека сите компании мигрираа онлајн за да опстанат, па така и се зголеми побарувачката на услуги во сферата. Освен тоа, флексибилноста на самата работа е мошне голема и дозволува истата да се извршува од удобноста на вашиот кауч, или од омилената клупа во градскиот парк.
Покрај тоа, особено е зголемен интересот за фриленсинг, а дигиталниот маркетинг е совршен тип на работа која може да се извршува на тој начин. Веќе знаеме дека сме меѓу првите земји во Европа според број на фриленсери по глава на жител, а успешните домашни фриленсери се доказ дека може да се работи од каде било и прилично добро да се заработува.
Како тренер за дигитален маркетинг (и како млада мајка), што би им препорачале на сите жени, девојки што сакаат да се занимаваат со дигитален маркетинг, кои се најголемите предности на оваа професија?
– Мајчинството ми пробуди нова инспирација и ми даде нова животна енергија. Иако е предизвик балансирањето на приватниот со професионалниот живот, предностите се далеку поголеми и никогаш не треба да се доведете во ситуација да бирате помеѓу едното или другото.

На сите жени и девојки кои стигнаа до тука со читањето, пораката е следна: Не чекајте, уште сега отворете нов таб, пребарувајте, откривајте, творете и поставете си цел, интернетот е многу моќна алатка која нуди безброј информации и можности. Воедно, преку учеството на академии и курсеви се доближувате поблиску до знаењето кое ви е потребно за да успеете.




