„Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец во официјалната програма на Сараевскиот филмски фестивал

Долгометражниот игран филм „Убиј ги прво децата“ по сценарио и во режија на Димитар Оровчанец е во официјалната Open Air програма на 30. издание на Сараевскиот филмски фестивал што ќе се одржи од 16 до 23 август. Филмот е комична приказна за тинејџерка балерина, нејзинотт лудо вљубено момче и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол, кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео. Светската премиера е закажана во Open Air амфитеатарот на 19 август во 21.45 часот.

Сараевскиот филмски фестивал е од „А“ класа и е еден од најголемите и највлијателни фестивали во поширокиот регион. Годинашни лауерати на фестивалот се актерката Мег Рајан, оскаровецот, режисер сценарист и продуцент Александар Пејн и актерот Џон Туртуро.

Open Air програмата, воедно и фестивалот ќе го отвори последниот филм на оскаровецот Данис Тановиќ „По летото“. Покрај филмовите на Тановиќ и Оровчанец, ќе бидат прикажани и последните остварувања на Квентин Дупие, Емануел Коркол, Рајко Грлиќ и други.

„Убиј ги прво децата“ е дебитантски игран филм на Димитар Оровчанец, поддржан од Агенција за филм на Македонија, во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ Филмс“. Продуценти на филмот се Атанас Георгиев и Дејан Илиев. Главните улоги ги толкуваат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов. Во останатите улоги играат Александар Ѓорѓиевски, Стефан Вујисиќ, Марко Трајковиќ, Адријан Азири, Марина Поп Панкова, Лео Поповиќ, Атанас Тановски, Марија Јанчевска, Ненад Нацев, Александар Микиќ и други. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, дизајнер на продукција е Сашо Блажевски, костимите се на Илина Чолак, монтажер е Софија Самоиловска Јовановиќ, а композитори на музиката се Дарко Спасовски и Игор Василев – Новоградска.

Сподели