Убавините на Македонија синоќа претставени во Будимпешта

Македонија преку видео материјали, фотографии, корисни линкови и информации, но и преку турско кафе и македонски производи, синоќа ја доживеаја група Унгарци во рамките на интеркултурната вечер посветена на нашата земја што се одржа во просториите на Open Doors Hungary во Будимпешта. Настанот го организираа Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Татјана Стаменковска, Open Doors Hungary, MiraDoor и Útilapu Hálózat – SCI Hungary.

Пред интернационалните студенти во Унгарија докторантката Стаменковска зборуваше за местоположбата и убавините на Македонија, нејзиниот туристички потенцијал и гостопримливост, а Патриција Бокор, Ботонд Наѓ, Акош Секереш и Ботонд Калман зборуваа за можностите за изучување на македонски јазик во Унгарија, за Зимската и Летна школа во Охрид, младинската конференција „Како си ми?“, студиските програми на англиски јазик на универзитетите во Македонија.

Студентот Ботонд Наѓ направи краток осврт и презентација за Лекторатот по македонски јазик, единственото место во Унгарија каде што може да се изучува македонскиот јазик, Патриција Бокор зборуваше за позитивните искуства стекнати на Летната школа во Охрид, за часовите и групите за учење на македонски јазик и средбата со претседателот Стево Пендаровски, Акош Секереш ги пренесе своите искуства од посетата на Македонија, прекрасните места што ги видел, Летната школа итн. Студентот Ботонд Калман, зборуваше за своето искуство како учесник на младинската конференција „Како си ми?“, можностите кои ги нуди самата конференција, нејзината одлична организација и комуникацијата со организаторите.

На крајот студентите одговараа на прашања од публиката и прашања кои беа поставувани на социјалните мрежи. Интернационалните студенти се интересираа за можностите за туристички посети на Македонија, најлошите и најдобрите моменти од патувањето на студентите во Македонија итн. Бидејќи на настанот се делеше рекламен материјал од чествувањето на јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески во организација на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, професорот Златко Панзов одговараше на прашања поврзани со Конески, јазични и културолошки прашања. Интернационалните студенти покажаа голем интерес за Деновите на македонска култура во Будимпешта и логото на самата манифестација кое предизвика многу интересна дискусија.

Сподели