Убавините на Италија преку фотографии од збирка во сопственост на архивот „Алинари“ ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Чифте амам во Скопје. Поставката е составена од три секции: пејзажи, дела и лица; и секоја од нив обединува фотографии од крајот на 19 и раниот 20 век. Своевиден времеплов низ пејзажите на Италија, луѓето и уметноста претставени преку објективот на италијанските фотографи меѓу кои браќата Алинари, Барбиери, Басилико, Беренго Гардин, Фонтана, Џакомели, Мараини, Пелегрин, Ѕание.

Изложбата е резултат на соработката на Амбасадата на Италија и Националната галерија. На отворањето ќе се обратат д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.

„Од Алинари до мајсторите на современата фотографија” е изложба која преку фотографија ги раскажува убавината и разновидноста на Италија, нејзините пејзажи, нејзината креативност и нејзиниот народ. Историја од век и половина преточена во антологија од кадри, со цел да се создаде идеална галерија на портрети и спомени, што ќе посведочат за богатството на земјата и во исто време за извонредната виталност на италијанската фотографија.

Избор на дела кој не претендира да ја сумира во целост комплексноста на италијанската фотографија, но сепак се поставува како предизвик и алатка за истражување на естетскиот израз и јазик на фотографите што твореле во период од над 160 години, вклучувајќи дела кои произлегуваат од ателје, пикторијализам, концептуализам, новинарство и уметничко истражување. Патување кое започнува од браќата Алинари и од обемниот свет кој се формирал околу нив преку збирките и архивите, односно „Многуверзумот на глетките”, како што ќе го нарече Марио Креши – тука застапен со едно ново концептуално дело – патување кое ќе не одведе до големите мајстори на фотографијата од дваесеттиот век и до најсовремените експериментирања. Исходот од ова патување може да се доживее и како кратко резиме на историјата на фотографските техники, почнувајќи од калотипот па сѐ до виртуелната фотографија во игрите.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.