Творештвото на Томе Аџиевски постојано е во спрега со општествено-политичките или уметнички констелации

Најновиот творечки проект Once Upon a Time in the East што Томе Аџиевски го претставува во Чифте ама е своевидно навраќање на руската авангарда и на уметноста на Истокот, како на значајни акценти во развојот на уметноста, па секако и во дефинирањето на тоа што современата уметност денес е. Аџиевски ги критикува капиталистичките и глобалистики тенденции, кои доведуваат до губење на сопствениот идентитет и дефинираност и слепо наклонување кон западната култура. Аџиевски ја проблематизира и улогата на уметникот и уметноста од Источна Европа, каде гео-политички припаѓа и нашата земја, тенденциозно говорејќи за потреба од поголемо вреднување на Источната традиција, а не слепо следење на Западниот глобализам на што сме сведоци децении наназад, пишува Сузана Миновска од Национална галерија.

Сето тоа авторот го прави со визуелно ефектен пристап, употребувајќи користени и отпадни материјали или некои наменски снабдени за неговите скулптури, креирајќи просторни конгломерации и моќни скулпторски аспирации кои го освојуваат просторот на амамот. Исклучителна моќност има и жолтата боја која ја одразува современоста, авангардноста и промената.

Верувам дека оваа интересна постановка на Аџиевски ќе пробуди размисли кај сите вас за суштинското значење на уметноста и низ историјата, а и денес, како генератор на промени и придвижувања.“ – сподели директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.

Своето обраќање пред публиката, кураторката на проектот д-р Ана Франговска, го започна со стихови од Мирослав Крлежа кој го опева профилот на луѓето кои живеат и создаваат на наше тло и кои се одговорни за капиталистичкиот и глобализаторски колонијализам во кој сме удавени. Во продолжение зборуваше за концептот на поставката:

„Кои сме, од каде доаѓаме и каде одиме? Источна Европа! Ни ваму, ни таму. Трчаме по Запад, а потеклото ни е од Исток, трчаме по глобализам и капитализам, а истокот е колевка на сите древни цивилизации, филозофии, авангарди, револуции. Поставеното, добро познато прашање и од делото на Гоген, песната на Крлежа „Ноќ во провинција“ и слетствено, изложбата Once upon a time in the East на Томе Аџиевски го третираат и проблематизираат ова прашање. Провинција… слепо црево…

Творештвото на Томе Аџиевски постојано е во некаква спрега со општествено-политичките или уметнички констелации, а Аџиевски оваа „пресметка“ со „хегемониите на власт“ тенденциозно ја продлабочува и провоцира со цел да иницира дијалог и расправа, која во многу случаи е субверзивна и концептуално-теоретски конструирана. Во својот творечки персоналитет и единствен израз, Аџиевски постојано се обидува и пледира кон одржување „тензија“ и „антагонистичка“ релација со спротивставените ставови на современиците или со силите на моќ, за да ги искаже на тој начин својата реакција и ставот за потреба од промена и пресврт, остро критикувајќи ги правците што се прифаќаат.И ден-денес некои негови минати дела прозвучуваат бунтовнички, па дури и критички, почнувајќи од првиот проект по завршувањето на Академијата во Загреб, „Трчање по запад“ од 1986, потоа „Големиот чекор назад“ од 1996, „Смешните производи на големиот циркус (Оригинален Британски музеј)“ од 1998 или, пак, „Архитектура на агресијата“ од 2002 година.

Централна точка во најновиот творечки циклус на Аџиевски насловен Once Upon a Time in the East е создавање своевиден омаж на периодот на руската авангарда и нејзината уметничка револуција. Овој исклучително важен период од развојот на уметноста на минатиот век и историјата на уметноста генерално, преку неоавангардата, сѐ уште има реминисценции врз уметноста на современоста, т. е. уметноста која се создава денес, колку и навидум анахроно самата неоавангарда да се перципира. Аџиевски „презема“ некои од искуствата на руската прогресивна уметничка интелигенција, предностите на апстрактната уметност, на конструктивизмот, на метафизичката уметност, супрематизмот, на уметноста како теорија, неоавангардата од 70-тите, постмодерната естетика, со цел да допре некои мошне акутни проблеми и денес. Преку ваквата визуелна предлошка, Аџиевски ја проблематизира и улогата на уметникот и уметноста од Источна Европа, во која геополитички припаѓа и нашата земја, тенденциозно говорејќи за потреба од поголемо вреднување на источната традиција, а не слепо следење на западниот глобализам, на што сме сведоци со децении.

И по цел век, револуционерните пристапи кај руските авангардистисе синоним и инспирација за создавање на еден поинаков неопримитивизам или нов фолклор, кој за Аџиевски е начин да се реконцептуализира „веќе одамна испразнетата“ неоавангарда. Аџиевски создава неколку циклични или независни дијалози во самиот концептуален дискурс, помеѓу апстрактната и конструктивистичката уметност, преку поставеноста на скулптурите со едни или други карактеристики во различните страни од амамот или пак преку симбиозата на уметноста на западот и истокот, повикувајќи се на некои антологиски елементи од авангардистите, спротивставуајќи ги на духот на современото популистичко ропство на глобалистичката западњачка уметност, креирајќи неколку микронаративи што се во антагонистички однос и сами со себе и со макродискурсот.“

Сподели