Турскиот „Јурта“ и израелскиот „Градот“ – најдобри филмови на 23. „Синедејс“

Наградата „Златно сонце“ за најдобар филм на 23. „Синедејс“ ја доби турскиот филм „Јурта“ во режија на Нехир Туна. Наградата ја доби за „реалистичниот и артистички неприкосновен портрет на млад човек, кој расте меѓу два спротивставени света што се одраз на турското општество во минатиот век и денес“. Ова го одлучи жирито во состав: Марија Димитрова, продуцентка, Андреас Јонсен, режисер и Бојана Андриќ, кинематограферка. Во селекцијата посветена на филмовите од Југоисточна Европа, жирито одлучи да додели и специјално признание на филмот „78 дена” во режија на Емилија Гашиќ, филм посветен на животот на многу млади генерации што бил ненадејно прекинат во текот на 78-дневното бомбардирање на Србија.

Наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби израелската продукција „Градот“ во режија на Амит Улман. Оваа награда ја избра ирито во состав: Горјан Атанасов, филмски и тв-монтажер, Ивица Димитријевиќ, актер и режисер, Мина Ѓукиќ, режисерка, Рохан Бери Крикмар, филмски продуцент и фестивалски селектор и Гентиан Кочи, филмски режисер.

Филмот е првиот хебрејски рап-мјузикл инспириран од црнечка музика, филм ноар и детективски филмови. Жирито ја додели наградата на ова смело остварување поради “разиграната кооптација на ноар стил и класични мјузикли, за кое суптилно ја раскажува приказната за израелски индустриски град каков што ретко гледаме на филм”.

Наградата пак, „Сребрена ѕвезда” за најдобра режија ја доби младиот израелски режисер Ноа Дебре и неговиот филм „Последните Евреи”, за „неговиот необичен и темелен филмски стил додека ја раскажува нијансираната и напати смешна приказна за младиот Рубен Белиша“. Третата награда „Сина ѕвезда” или наградата за најдобро сценарио, ја доби „Ширкоа: Утопија на лагите“, за импресивниот наратив на градење дистописки научно-фантастичнен свет.

Наградите беа соопштени синоќа на затворањето на фестивалот, а последен филм што беше прикажан, беше „Неочекувана среќа” во режија на Вуди Ален.

Под слоганот „Викај ура” и годинава фестивалот обезбеди врвни остварувања и македонски премиери, но со драстично намален буџет кој во текот на последните три години е намален за повеќе од 60%. Повеќе од 4000 граѓани уживаа во освежувачките фестивалски денови.

-Ќе успееме, мора да го одржиме фестивалот и да ја водиме оваа наша борба за содржајни културни настани и случувања во нашево неверојатно пасивно, резигнирано и длабоко разочарано милје. Таму каде што сите гледаат очај, ние гледаме шанса за напад. Ќе дадеме гол, ќе одиме повторно на европско првенство, во културолошка смисла. И ова не е изјава на верба или надеж, туку длабока и вистинска определба – вели Маргарита Арсова, долгогодишен раководител на фестивалот.

Во текот на седумдневниот филмски фестивал, публиката имаше можност да ужива во повеќе од 50 филмски остварување, со проекции под отворено небо во паркот зад МКЦ но и во киното „Фросина“ и Кинотеката на Македонија, како и во разни фестивалски случувања кој на достоен и вистински начин, го одбележија 23 издание на фестивалот.

Сподели