Пијанистот со светско реноме Симон Трпчески ќе ја прими наградата „Георги Божиков“ за изведба на дело од македонски композитори во 2020 година, вечерва во 20 часот во Националната опера и балет во Скопје. Ова е единствената награда што СОКОМ ќе ја додели во рамките на 44. Денови на македонската музика, а се доделува на музички уметници и ансамбли за континуирано, успешно изведување и промовирање на македонското музичко творештво, на дела од македонски композитори од различни генерации. За наградата одлучи комисијата во состав: проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска, музиколог, д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, музиколог и проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, композитор.

По доделувањето на наградата ќе следува гала-концертот со солисти и оркестарот на Опера и балет под диригентската палка на Иван Еминовиќ. На гала концертот на солистите и оркестарот на Националната опера и балет публиката ќе има можност за прв пат, по последните изведби во 1955 година, да проследи увертира од првата македонска опера „Гоце” од композиторот Кирил Македонски (1925-1984). На програмата се арии од најмаркантните творци на оперски дела, градитители на македонската музичка историја: Трајко Прокопиев (1909-1979) со арии од операта „Разделба” која одбележува 50 години од создавањето, Кирил Македонски со монолог од операта „Цар Самуил”, Тома Прошев (1931-1996) композиторот кому СОКОМ му го одбележува јубилејот од 90 години од раѓање со арија од операта „Пајажина”, академик Ристо Аврамовски (1943-2007) со монолози од операта „Болен Дојчин”, потоа композиторите кој сè уште создаваат дела што ќе го збогатат музичкото наследство на Македонија.

Стојан Стојков (1941) со арија и дует од операта „Змејовата невеста” и помладите: Горан Начевски (1978) со арии од операта „Помеѓу соништа и летови”, Фатос Лумани (1983) Аријана Хасан ага и Сема/инструментален фрагмент од операта „Скендер бег”. Како солисти ќе настапат: Катерина Стојановска-сопран, Александра Лазаревска-Василев-сопран, Наде Талевска-Спасовска –сопран, Јане Дунимаглоски-тенор, Владимир Саздовски-бас, Армандо Ликај-баритон (Албанија), Невен Силјановски-баритон, Горан Начевски-баритон и Васко Здравков-баритон.

Фотографија: Маја Аргакијева

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.