Тропалка за врата од стара крушевска куќа – мотив за логото на „Крушево – Град на културата“

На 26 мај и официјално ќе биде отворена манифестацијата „Крушево – Град на културата 2023“. За дизајнот на логото што ќе обидени многу настани до крајот на годината, се погрижи дизајнерката со крушевско потекло, Теано Кардула. Во создавањето на логото, таа сакала најпознатите елементи за Крушево да ги избегне и да даде друга визуелна перспектива на градот.

– Крушевската стара архитектура изобилува со многу интересни мали детали и токму еден таков детаљ беше инспирација за ова лого. Тропалка за врата од старата куќа на фамилијата на мајка ми во форма на сонце. Уште веднаш знаев дека тоа е тоа. Симболично, стилизираните краци на сонцето го симболизираат и ова културно отворање на вратите кон градот. Сонцето е и заеднички симбол на двете етнички групи кои живеат во самиот град – Власите и Македонците, но и нели македонското државното знаме кое нè обединува сите. А шареноликоста на логото, е токму тоа – обединети во различностите, таков е нашиот град – објаснува Кардула.

Испирирана од слоганот – Жив тестамент на културата, ги искористила локациите во црно бела варијанта – како симбол за историјата, а шарените геометриски визуелни елементи (инспирирани од шарениот релјефен ѕид на Петар Мазев во комплексот Македониум) го симболизираат модерното време.

– Се надевам дека можеби со ова ќе има мала инспирација, да се размисли и да се работи на тоа Крушево да добие модерен визуелен идентитет, нешто што на градот што сака да биде туристички центар 365 дена во годината премногу му е потребно.

Сподели