Дисциплинирање на сексуалноста: Tрите лица на библискиот Ерос

Засилената институционализирана контрола над сексуалноста може да биде и чиста еманација на моќта: ако можам да те држам под контрола во сферата на најинтимното, те имам под свое целиот

Пишува: Љупка Христова-Башевска, доктор по социологија на религии

И покрај тоа што има задржано нешто од својата изворна, „дива“ природа, нашата сексуалност значително се оддалечила од онаа димензија на нашето битие во која сме „крв и месо“. Просторот помеѓу брлогот во кој се плодел нашиот животински предок и нашата спална соба, е поплочен со бројни мерки на општествен ред и дисциплина. Се работи како за прастари, така и за актуелни обичаи, правила, принципи, начела, прописи, закони итн., кои од религиски, етички, морален, правен итн. аспект определуваат што за заедницата е прифатливо, а што неприфатливо во плотниот живот на поединецот, сè до психолошки и психијатриски стандарди кои настојуваат да определат што е тука здраво, „природно“, а што болно и первертирано, и оттука треба да потпадне под третман…

Општествениот ред не трпи сексуален неред! Заради заштита на овие или оние високо вреднувани животни, општествени и културни категории – Бракот, Децата, Здравјето, „Природниот ред на нештата“, Ерос – поистоветен со онаа наша телесна димензија склона кон сексуално уживање – има да се дисциплинира! Засилената институционализирана контрола над сексуалноста може да биде и чиста еманација на моќта: ако можам да те држам под контрола во сферата на најинтимното, те имам под свое целиот. Најеклатантно сведоштво за инструментализација на сексуалноста во полза на манифестирање и засилување на општествената моќ остави историската практиката на егзорцизмот, флагелантизмот и ловот на вештерки; беа тоа форми низ кои католичката инквизиција сееше страв, болка и смрт токму во име на прочистувањето на телесните страсти од искушенијата на Сатана и нивното доведување во склад со Божјата волја.

Која е Божјата волја во однос на оваа базична сфера на човековиот живот за поклониците на светата книга на христијанството – Библијата? Што е тука „Богу-мило“ а што „Богу-мрско“, што е она што богупосветениот треба да го пожелува и практикува во љубовната постела, а што да осудува и одбегнува како влог за Божјата награда на овој и оној свет? Кај современите припадници на Западната култура, без оглед на исклучително нараснатото љубопитство за сексуалноста што се огледа на разни нивоа (во напливот на порнографијата, еротската литература, сексолошките студии, движењата за правата на „поинаквите“ итн.), ова прашање не го има загубено своето значење. И кај оние кои се расколебале, па и сосема раскрстиле со верата, некои од основните библиски гледишта сè уште се сноваат во зоната на нивната интима.

Но, во Библијата не постои само едно гледиште, една конзистентна вредносна определба на телесното и сексуалното, не се работи ниту за две, постојат дури три и тоа меѓусебно крајно дисонантни. Во Стариот завет, иако се работи за огромен корпус текстови, се провлекува една основна определба, воглавно канализирана во духот на нагласено патријархалната Тора (Закон), подоцна наречена Мојсеевото петтокнижие. Во многу помалата збирка на Новиот завет – двојство: една е определбата што може да се извлече од исказите и однесувањето на Исус, во која Ерос „отпаѓа од игра“, не затоа што сам по себе би бил достоен за презир, туку затоа што на прагот на „новата доба“, најавена од самата појава на Исус, тој е непотребна баласт од светот на „земното“ што е во заминување; друга е онаа на неговите ученици – апостол Павле и остнатите апостоли, во која Ерос е зло по себе, порок под влијание на Сатана!

Каков е, попрецизно, ликот на Ерос во овие три различни библиски визури? Ликот од која визура го препознаваме како највлијателен врз стандардите на современиот сексуален живот во културниот простор со христијанска традиција?

Насловна фотографија: Wikipedia 

(ПРОДОЛЖУВА: Низ визурата на Мојсеј: Ерос како стамен домаќин)

Сподели