Трилер драмата „Чичко“ го отвора фестивалот „Киненова“

Филмот „Чичко“ на режисерите Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Горан Богдан и Мики Манојловиќ во главните улоги вечерва во 20 часот во киното „Милениум“ ќе го отворат филмскиот фестивал „Киненова“ во Скопје. Гостите ќе го промовираат својот филм пред македонската публика.

Пред проекцијата на филмот, на режисерката Илдико Ењеди ќе и биде врачена наградата за особен придонес во филмската уметност. Таа е една од најоригиналните авторки на денешнината. Со својот прв долгометражен филм од 1989 година, „Мојот 20 век” ја доби „Златната камера” во Кан, во 2017 ја освои „Златната мечка” во Берлин.

Во нејзина чест, в недела (9 октомври) во киното „Милениум” ќе биде прикажан филмот „Приказна на мојата сопруга”, а в понеделник напладне во Europe House, Ењеди ќе одржи мастерклас.

Илдико Ењеди

– Не доаѓам прв пат во Скопје. Сум го посетувал и како студент тогаш доаѓав на „Скомрахи”, бев и на неколку фестивали. Го сакам Скопје и прекинав едно снимање за да дојдам – рече Богдан на прес-конференцијата по повод гостувањето.

Вели дека несигурноста е составен дел на оваа професија.
– Сигурно е дека сценариото е првиот чекор во изборот на улогите, но Давид, јас и Андрија бевме заедно на академија. Приказната за „Чичко” постои многу одамна и сосема поинаку изгледаше на почетокот. Мислам дека имаме некаква заедничка нишка сите тројца, а тоа е за кого го правиме ова. И ние самите сме почнале како публика. Таа ја препознава и ја вреднува таа наша заиграност. Ние се занимаваме со оваа работа, дел сме од таа машинерија за да ја одржиме таа чистота и што подолго да си играме и да бидеме чесни во тоа. Тоа нè одржува млади. Мислам дека нема разлика во регионот и во светот во однос на публиката, вели Богдан

Режисерот Андрија Мардешиќ објасни дека проектот траел седум години.
-Од несериозен стана сериозен филм. На неколку работилници го развиваме сценариото и сите не водеа во различни правци и потоа некако со сопствена навигација стигнавме до резултатот. Имаше многу ментори и тоа многу ни помогна да сфатиме што всушност не сакаме. Сите тројца сме деца на видеотеките, стриповите, книжарниците. Така што и кога работиш некој филм сето тоа е аспект на тебе самиот, вели Андрија.

Капац, пак, објасни дека во еден момент сфатиле дека филмот мора да го снимат.
– Во Карлови Вари беше премиерата на филмот. Идејата која ја имавме на почетокот ни помогна да истраеме и затоа филмот е ваков каков што е. Менторите не водеа во некаква семејна драма, божиќна драма, но опстоивме на идејата. Во принцип за семејството точно се знаеше кои актери ќе ги толкуваат улогите. Работевме заедно. За улогата на чичкото имавме идеја тоа да биде помлад актер, но кога тргна снимањето правевме кастинзи и во тој процес сфативме дека всушност ни треба постар актер. Тоа не фрли во депресија бидејќи знаевме само едно единствено име кое може да ја толкува улогата а тоа беше Мики Манојловиќ, и се мислевме како да го добиеме за нашиот дебитантски филм. Дојдовме до ѕид со продукцијата. Му го пративме сценариото и за многу кратко време ни се јави. Многу му се допаднало и прифати. Имавме малку проблем со термините за снимање бидејќи и Горан и Мики се зафатени со други снимања, но лесно најдовме драматуршки одговори за да се сними „Чичко”, рече Капац.

Небојша Јовановиќ, директорот на фестивалот Киненова и селекторот на програмата Игор Анѓелков посочија дека биле едногласни во одлуката филот „Чичко” да биде дел од годинешната програма.

„Киненова“ до 14 октомври ќе се одвива под слоганот „Првиот остава трага” и во киното „Милениум” и во Кинотека, љубителите на филмската уметност ќе уживаат во актуелните први и втори остварувања на новите режисерски имиња во седмата уметност, кои гледаат на светот со отворени и љубопитни очи, поставувајќи бројни прашања во своите филмови кои се релевантни и на овие простори. Осум филмови се дел од официјалната компетиција за фестивалските награди, меѓу кои има и филмови од Романија, Полска, Србија, Италија, Турција и од Косово.
Во рамките на фестивалски содржини се „Режисерот во фокус”, австрискиот маг Михаел Ханеке, чии први три филмови го трасираа неговиот пат до европскиот и светски врв, потоа, изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал „Вистула”, кој на домашните киноплатна ќе ни ја претстави тамошната актуелна кинематографија.

 

 

Сподели