Форумот ќе биде отворен со претставување на проектите и авторите кои учествуваат на работилницата за архивски практики во филмот „Замислување архиви“ на 15. „Македокс“, која ја модерираат Кумјана Новакова и Влад Петри
Од денеска до 21 август во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи 6. издание на форумот МакеКоПроДокс во рамките на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Главна цел на форумот е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Форумот на едно место собира претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и 9 проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик.
Форумот ќе биде отворен со претставување на проектите и авторите кои учествуваат на работилницата за архивски практики во филмот „Замислување архиви“ на 15. „Македокс“, која ја модерираат Кумјана Новакова и Влад Петри.
Модератори и ментори на тридневниот форум се Хеле Хансен (консултантка за документарен филм, поранешна филмска застапничка за документаристика во Норвешкиот и Данскиот институт), Бриџид О’Шеа (коосновачка на Документарното здружение на Европа), Зејнеп Ѓузел (раководителка на „Doc Station“ во рамки на Програмата за таленти на „Берлинале“, виша консултантка во Документарното здружение на Европа) и продуцентот Виктор Еде (Cinephage Productions) од Франција.
– Годинава имаме значајна соработка со Францускиот институт и Француската амбасада, така што ќе имаме панел помеѓу претставници на балканските филмски центри и продуценти од Франција, а на панелот ќе се зборува за договорите за копродукција помеѓу балканските држави и Франција. Со акцент на документарните архиви директорката на „Док Индустри“ на фестивалот „Док Лајпциг“, Надја Тенстед, ќе ја презентира работата на професионален маркет за архиви. Ќе има презентација и на „Документарница“, која е лабораторија за развој на документарни филмови од Словенија, којашто е создадена од Словенечкиот филмски центар и Друштвото на режисери од Словенија – вели Сара Ферро, раководителка на индустри програмата на „Македокс“.
Сцена од „Молкот на разумот“
Во рамки на филмската програма на вечерва во Куршумли ан во 21 часот, ќе се одржи македонската премиера на документарниот филм „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова. Темелејќи се исклучиво на архивски материјали и сведоштва, „Молкот на разумот“ на Новакова е форензички видеоесеј конструиран како перформативно истражување за првиот случај на Меѓународен кривичен трибунал во кој се донесоа пресуди дека военото силување е форма на тортура, а военото сексуално ропство – злосторство против човештвото. Имајќи ја предвид комплексната тематика, филмот на Новакова досега ги освои наградата „Срцето на Сараево“ за човекови права, наградата за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најхрабар филм на Авторскиот филмски фестивал во Белград, специјалната награда на жирито на Филмскиот фестивал во Торино и многу други. Како филмски проект беше поддржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во македонско-босанска копродукција.
На платото пред Музејот на Македонија вечерва во 20.30 часот, ќе биде прикажан етнолошко-документарниот филм „Хембој“ во продукција на Музејот на Република Северна Македонија, чиј автор е етнологот Елизабета Конеска. Снимен во Старата скопска чаршија, каде што сè уште се бојадисуваат стари јакни, панталони, кошули и други видови ткаенини се прикажуваат трите генерации од семејството Незири кои го работат овој занает и го водат дуќанот што го презеле од семејството Бојачиев. Ова е филм за наследството на занаетите и традициите во мултиетничко Скопје.
Сцена од „Хембој“
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „Македокс“ (www.makedox.mk), а ќе може да се симне и фестивалската апликација. Партнери на „Македокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотеката на Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, амбасадите на Холандија, Франција, Чешка, и Словенија, Францускиот институт, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, МКЦ, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“. Медиумски покровители на „Македокс“ се МТВ, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа и Култура Бета.