Три ученички од две основни училишта од Скопје се добитнички на годинешните стипендии „Борис Трајковски-НОВА“ со кои ќе им бидат целосно покриени трошоците за школување во Меѓународното училиште „НОВА“ од следната учебна година. Во изразено силна конкуренција и по комплетирањето на двата круга на селекција, најдоброрангирани беа Тамара Ташковска и Касија Сентиќ-Габер од основното училиште „Димитар Миладинов“ и Јана Кировска од приватното основно училиште „Јахја Кемал“. Трите од од август ќе го продолжат своето образование во „НОВА“.

Покрај трите финалисти, уште тројца основци добија делумни стипендии кои покриваат 50% од трошоците за школување во „НОВА“, поради покажаните исклучителни резултати во процесот на селекција.

Оваа година за стипендиите „Борис Трајковски-НОВА“ се пријавија стотина ученици од земјава, од кои 15 влегоа во вториот круг на селекција. Пријавените ученици добија задача да направат истражување на зададена тема и секој од нив изработи триминутен видеоесеј во кој го изложија личното мислење на зададената тема и целиот процес на истражување. По оценувањето на испратените видеоесеи, 15 ученици влегоа во вториот, финален круг на селекција во кој се оценуваа повеќе активности, како математички тест за вештини стекнати во нивното деветгодишно основно образованиие, активност за оценување на способноста за тимска работа и презентирање на нивните лидерски способности. Според покажаните резултати и освоените бодови, комисијата ги избра тројцата добитници на целосните стипендии, како и добитниците на делумните стипендии.

– Заокруживме уште еден циклус на програмата за стипендирање „Борис Трајковски-НОВА“ која низ годините стана синоним за достапност на квалитетно образование за најдобрите ученици во земјава. Квалитетното образование не се состои само од формално знаење, туку вклучува и развој на лични вештини, спознавање нови култури и имплементирање на стекнатите искуства во секојдневниот живот. Ние во „НОВА“ им помагаме на учениците да се изградат во комплетни личности подготвени да се справат со предизвиците и да бидат носители на развојот во општеството. Горди сме што интересот за оваа програма и квалитетот на пријавените кандидати и по 18 години од нејзиното почнување сè уште е на многу високо ниво и тоа ни дава мотив да продолжиме со оваа програма со истиот жар и ентузијазам како на самиот почеток – велат од Меѓународното училиште „НОВА“.

Стипендиите за школување ги доделува училиштето „НОВА“ во соработка со фондацијата „Борис Трајковски“ 18. година по ред. Преку програмата за стипендирање досега завршиле 12 успешни генерации на матуранти кои понатаму изградија успешни академски и професионални кариери во земјава и во странство.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.