Талентираните ученици во пандемијата вежбаа со уште поголема жар. Ви ја претставуваме приказната на Ева, Ана, Теја и Миа, ученички во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски Луј“ во Скопје
Пишува: Александра Јуруковска
Три млади музичарки од Скопје што свират виолончело освоија три први места на престижниот онлајн-натпревар „Опус артист – Париз“ (MusicCompetitionOnline 2021 – Opus Artis Paris – Vanves – France). Ева Малиновска (седмо одделение) и Ана Велкоска и Теја Тодоровска (шесто одделение) учат виолончело во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски Луј“ во Скопје, во класата на професорката Маре Видевска. Нивната љубов кон овој инструмент е огромна, а посветеноста само го поттикнува нивниот талент. Токму оваа комбинација, неодамна на трите им донесе прво место на натпреварот во Париз. Нивната другарка, пак, Миа Џидрова (седмо одделение), ученичка на професорката Станислава Поцевска, на истиот натпревар освои прво место во пијано – трета категорија.
Трите виолончелистки заедно со своите менторки
Низ нивните искуства во образованието, музицирањето и натпреварите во изминатата пандемиска година, ѕирнавме во секојдневието на децата кои практично учат во две училишта, што бара огромен напор и поддршка од семејствата.
– Најголемиот предзвик за нас како родители е балансирањето на повеќе полиња. Да се има успех и во основното училиште, значи да не се запостави основното образование, ниту музичкото училиште. Детето треба да има и соодветна социјализација со останатите деца и да има време за дружење и игра. Се трудиме максимално за во ниеден сегмент детето да не се почувствува различно од другите – објаснува Даниела Станоевска-Џидрова, мајката на Миа.
Миа Џидрова
Сите кај иста професорка
Желбата кај Ева, Ана и Теја за свирење на виолончело и во отежнати услови не згаснала и откако сите се затворивме дома, откако „светот запре“ кога почна пандемијата. Напротив, растела со уште поголем жар, вели наставничката Маре Видевска. Трудот и упорноста се исплателе бидејќи на талентираните млади музичарки им донеле неколку први места на многу меѓународни натпревари.
– Изминатата училишна година беше многу тешка за сите ученици, особено за нас, зашто беше скоро невозможно да се одржи квалитетен онлајн-час. Држевме часови и концерти на отворено во паркови, понекогаш имавме и дозвола за настава со физичко присуство, само да го одржиме континуитетот. И токму посветеноста им го донесе успехот во Париз. Имаше голема меѓународна конкуренција – вели таа.
За реткиот успех во иста категорија прво место да земат три ученички кај ист професор, Видевска вели:
– Секогаш инсистирам да го сакаат тоа што го прават, со многу љубов и уживање, независно дали добиле награда или положиле некоја аудиција. Ги учам дека се натпреваруваат со себеси, така созреваат со секој следен настап – децидна е Видевска.
Талентираните деца вежбаа упорно во пандемија
Сања Ивановска-Велкоска раскажува како Ана тешко го доживеала почетокот на пандемијата. Слични искуства имаат и другите деца и нивните родители. Сите затворени дома, а виолончелото единственото другарче што може да се допре и да бидат до него. Тешко оделе часовите онлајн, постојано нешто кочело или се замрзнувало.
– Па, ќе ја снимав додека свири некоја нумера, ќе ù го испратев материјалот на професорката, па таа ќе ù се јавеше да ù каже каде и што да поправи. Така изгледаа часовите по виолончело тие три месеци таа пролет 2020 година. Се откажаа сите настапи и сите натпревари за кои Ана се подготвуваше со голема страст. Настана празнина. Но, никој не се откажа!
Таа објаснува дека онлајн-натпреварите имаат една добра страна – шанса децата да се претстават пред врвни музичари – членови на комисиите на овие натпревари и да си направат споредба со многу музичари од целиот свет.
– Натпреварите во живо не се лесно достапни, ниту евтини. Но, Ана доби шанса да се „измеша“ и да се натпреварува со млади талентирани музичари од целиот свет. На почетокот на јуни, снимивме нов материјал и го испративме на натпреварот во Париз. Скоро и да заборавивме на него кога веста нè погоди како гром! Никогаш не се посомневавме во нејзиниот талент, но навистина беше изненадување што во таква конкуренција со толку многу натпреварувачи од целиот свет, освои прва награда! И не само Ана, туку и Теја и Ева, сите ученички кај истата професорка! – вели Ивановска-Велкоска.
Потребна е системска поддршка
Родителите не штедат зборови за посветеноста на професорката. Ирена Малиновска, мајка на Ева вели дека со задоволство се ангажираат околу музичкото образование на нивната ќерка, бидејќи музиката ја исполнува.
– Нè радува нејзиниот успех, тоа е резултат на нејзината дисциплина и работа. Во пандемијата се соочивме со дополнителни предизвици бидејќи музицирањето и учењето беше во вонредни услови, на моменти и онлајн, што за ваков тип на образование е посебно тешко. Тука пресудна беше посветеноста на професорката Видевска која вложува огромен напор децата да го совладаат материјалот предвиден за минатата учебна година, но и за натпреварот каде покажаа огромен успех. Ева се натпреваруваше во третата категорија, каде што песните се потешки, со поголема минутажа и помина одлично – вели Малиновска.
Финансиите и поддршката се пресудни за понатамошното школување и надградбата на овие таленти. Родителите се категорични дека не треба да бидат препуштени на себе, туку треба да се бара системско решение:
– Неизмерна е среќата кога го гледате детето успешно и како неговиот вложен труд се наградува преку освоените дипломи, награди и пофалници. Но, финансиски е тешко да се одговори на сите потреби за школување – неопходен е добар инструмент кој е прилично скап. Тука се семинарите, натпреварите, настапите и сл. Би било добро кога државата би им помогнала овие талентираи деца бидејќи тие се мали амбасадори на нашата држава која гордо и успешно ја претставуваат насекаде каде што настапуваат – потенцира Цветанка, мајката на Теја Тодоровска.
Мајката на Миа, која и самата свири пијано, би сакала да се овозможат дополнителни часови, стипендии, што повеќе часови со познати пијанисти и музичкото училиште да може и финансиски да придонесе за некој натпревар, бидејќи секако тоа е и успех за училиштето.
Ивановска-Велкоска вели дека голем е предизвикот да се биде родител на талентирано дете во држава која нема стратегија како да ги поттикне и поддржи овие таленти, но решени се да вложат сè што имаат во нејзиниот развој.
Професор Видевска вели:
– Голема поддршка секогаш имаат од родителите, од мене и нашата корепетиторка Ива Виденовиќ, но секако многу би значело нивниот труд и талент да биде препознаен и вреднуван со тоа што би се финансирале повеќе семинари со познати челисти или би се овозможиле поголем број на степендии за талентирани ученици – завршува таа.