Три куклени работилници по повод отворањето на веб-страницата kukla.mk

Tри бесплатни куклени работилници ќе се одржат во „Колектив Ветерница“ во Скопје. Поводот за работилниците е kukla.mk, првата веб страница на македонски која ќе објавува рецензии, фотографии, статии и интервјуа за кукларството и куклениот театар во земјава и низ светот.

Првата ќе се одржи на 16 ноември (вторник), со почеток во 18.30 часот и е наменета за најмладите, кои со помош на организаторите на проектот, ќе создадат своја кукла од најобични работи (чорапи, копчиња, крпи и сл.) и потоа ќе имаат шанса истата да ја анимираат. Наредниот ден со почеток во 18 часот костимографката од Театарот за деца и младинци Скопје, Љубица Велкова, ќе одржи мастер-клас на тема „Спецификите на кукларството низ периодите од неговите прапочетоци до денес“. Мастер-класот е наменет за возрасни – актери, ликовни ументици, но и сите кои се заинтересирани да се запознаат со развитокот на кукларството низ вековите насекаде низ светот, но и кај нас. Последната работилница – „Конекцијата помеѓу куклата и аниматорот“ е наменета исклучиво за актерите и студентите по актерска игра. Ќе ја води единствениот професионален македонски куклар Кире Василев, вработен во Театарот за деца и младинци и на неа ќе се зборува за основните пречки и нивно надминување во релацијата меѓу една театарска кукла и актерот што ја анимира. Истата ќе се одржи на 19 ноември, со почеток во 18 часот.

Работилниците се бесплатни, но согласно мерките за ковид-19, бројот на места е ограничен, а посетителите се должни да носат заштитна опрема на лицето и да ги дезинфицираат рацете пред влез на работилницата. Повеќе информации и пријавување на marionetamk@gmail.com.

Веб-страницата kukla.mk е дел од проектот „Македонскиот куклен театар“ поддржан од Министерството за култура.

– Првата идеја беше да ги собереме и објавиме сите податоци за македонската куклена сцена низ вековите, со цел да одадеме почит на сите оние кои низ децениите се бавеле со оваа, за жал кај нас потценета уметност. Како што нештото растеше во нас и истражувањата продолжуваа, го проширивме проектот и на веб -страницата ќе има и блог, интервјуа со домашни уметници кои се бават со куклен театар, статии за куклените сцени низ светот итн., кои се надеваме дека би придионеле за поголем интерес кај македонската публика за оваа уметност – вели еден од авторите на проектот.