За три години, околу 700 илјади корисници, 13 илјади фејсбук-следбеници, објавени скоро 8.000 содржини – теми, интервјуа, коментари, вести и информации. Сите авторски, потпишани, прочешлани пред да бидат објавени. Просечно време на читаност – 52 секунди. Деманти – нула!
Умно.мк денеска полни три години. Тие се незначителни во однос на нашето дваесет и кусур годишно присуство во новинарството, особено на полето на културата, но за нас значат многу, како да поминале 30.
Пред три години го создадовме Умно.мк водени од две идеи – да го внесеме нашето искуство од печатените медиуми за да го кренеме нивото на квалитетното новинарство (пишаниот збор) во дигиталната сфера во Македонија и да понудиме платформа за сите, најмногу за луѓето со интегритет, професионалци кои се тука и имаат што да кажат. Веруваме дека тие луѓе сè уште имаат капацитет да го направат ова место добро за живот.
Им даваме безрезервна поддршка на младите, на талентираните ученици и студенти, на иновативните луѓе, на оние послабите и различни од нас. Ќе продолжиме да го поддржуваме доброто образование како единствен начин за општествен развој, секако ќе продолжиме да го критикуваме актуелниот систем кој одамна се распаѓа и некако никако да почне да се гради. Силно ќе ја поддржуваме науката зашто таа го поместува границите, културата како врвно достигнување на цивилизиацијата.
Во изминативе три години не бевме секогаш слаткоречиви, но објективната критика треба секогаш да се сфати како порака да се менуваат нештата, а не како навреда. Тоа не е речникот на Умно.мк. Тоа најмногу го потврдувате вие, нашите читатели чиј начин на комуникација е на завидно ниво – нешто на што сме навистина горди!
Уште пред три години решивме дека нема да објавуваме информации за кликови. Не ни се потребни зашто сметаме дека на тој начин не се стекнува доверба. Но, затоа пак, просечната читаност на едно интервју на универзитетски професор неодамна беше 2 минути и 5 секунди! Овие бројки нам ни значат. Тие ни се потврда дека сме на вистинскиот пат.
Тимот на Умно.мк не е голем, но во него се вградија повеќемина пријатели, постојани соработници од различни области кои ја препознаа оваа идеја и безрезервно ја поддржаа. Тие се Умно.мк исто колку што сме ние. Оваа наша приказна често ме потсетува на раштркани капки жива, кои полека се движат и кога ќе бидат доволно блиску, неизбежно се спојуваат во едно. Вакви луѓе сретнавме многу. И со сите одлично соработуваме и сме неизмерно благодарни што постојат. Меѓу нив има и компании кои ни станаа партнери со силна заемна доверба.
Старите велат „три за среќа“, а ние велиме #УМНО е што кажуваат старите, слушајте ги, во нив е мудроста! Ви благодариме за овие три години, сигурно чекориме понатаму.





