Три драми на Филип Грујиќ од Србија објавени на македонски

Во рамките на проектот „Драмски инверзии“ на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, поддржан од Министерството за култура, излезе третата е-книга – еДрами (Три драми – Таму каде што пеат; Не пред 4:30, ниту по 5:00; Вилицата на Ибен Бајерс) на младиот, етаблиран драмски автор Филип Грујиќ чии драмски дела се поставуваат во театрите низ Србија и Војводина, како дел од активностите на истоимениот проект.

Станува збор за „Квотативна инверзија“ – три драми на Грујиќ, преведени на македонски јазик 0д Иванка Апостолова Баскар. За театарските илустрации се погрижи Ѓорѓи Крстески. Драмите се поткрепени и со видео на Михаило Апостолов.

Драмските текстови на Филип Грујиќ зборуваат за кризите на современите мажи денес и тука – од нивната сексуалност, мажественост, егзистенцијалност, статус, род, моќ, место и улога во домот и современото општество, а во контекст на сите теми и форми на манифестирање на современите илузии, заминувањето во странство и големите очекувања таму, национализмот и патриотизмот дома и во туѓина, антагонизмот помеѓу мажите кои заработуваат многу и оние кои доаѓаат од непрофитниот сектор, домашното татково воспитување и др.

Филип Грујиќ (1995) е дипломиран драматург, живее и работи во Белград и Нови Сад. Тој е автор на драмски текстови и романи: Потстанар (издавач ЛОМ, 2020 г. – книгата е номинирана за Европска награда за книжевност и награда на НИН); Блудните денови на куратиот Џони (издавач Самиздат, 2017 г. – книгата се поставува како театарска претстава во Ујвидеки Шиназ); не пред 4:30, ниту по 5:00 (драма – поставена како театарска претстава под наслов Пред да се раздени); Вилицата на Ибен Бајерс (драма – поставена како театарска претстава под наслов Големата депресија, во 2020 г.); Тука е убаво – сечам дрва и јадам грав (драма – поставена во режија на Миља Мазарак во 2019 г. ). Тој е добитник е на Стериина награда за драма (не пред 4:30, ниту по 5:00); награда Слободан Селениќ; награда Михиз за драмско создавање. Пишува текстови за Филмоскопија и Нови магазин у култури. Свири во бендот „Цимерке“.

Сподели