Македонските филмови „Мими“, „Кома“ и „Преекспонирано“ ќе бидат претставени на филмскиот маркет кој се одржува од денеска до 25 мај на Канскиот филмски фестивал. Агенцијата за филм и годинава ќе ја промовира македонската кинематографија на престижниот фестивал. 75. издание на Канскиот филмски фестивал ќе биде отворено со светската премиера на филмот „Топ ган: Маверик“ и воедно ќе се оддаде почит на актерот Том Круз.

Од најновата филмска продукција поддржана од Агенцијата, проекции ќе имаат долгометражните филмови „Мими“ во режија на Даријан Пејовски и продукција на Скопје филм студио, „Кома“ во режија на Агим Абдула, а во продукција на Галактика филм, и „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова и продукција на ДНФ филм. Сите се закажани за понеделник (23 мај) во различни термини.

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски (Сузи Кју продукција) е селектиран во Каталогот на Канскиот филмски маркет за краткометражни филмови. Проекцијата е закажана на 26 мај.

Продуцентка Марија Димитрова е избрана меѓу 20-те Producers on the move, програма на European Film promotion – меѓународна мрежа за филмска промоција каде Агенцијата за филм е членка. Режисерката Дина Дума, пак, ќе биде присутна во резиденцијалната програма Residence du Festival која се одржува во соработка со француското CNC, каде утре ќе го презентира новиот проект во развој Skateboarding is not for girls.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.