Три бесплатни концерти на „Македонисимо“ во три града во Македонија

Светската премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ во музичка сала „Музикферајн“ во Виена, на сцената на која се одржува традиционалниот Виенски новогодишен концерт

Интернационалниот музички проект „Македонисимо“ на нашиот најпознат пијанист Симон Трпчески и неговите соработници ќе има три беспланти изведби во Македонија. Првиот концерт е закажан на 14 септември од 20 часот на платото пред Националната опера и балет во Скопје. Следните изведби се предвидени за во Штип, на 25 септември и наредниот ден во Битола. Со концертите ќе биде одбележана 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас.

„КултурОп“ ја најави и светската премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ во музичка сала „Музикферајн“ во Виена, на сцената на која се одржува традиционалниот Виенски новогодишен концерт. Македонисимо квинтетот предводен од Трпчески на оваа престижна сцена ќе настапи на 2 март во придружба на австрискиот Тонкунстлер оркестар, а под палката на нивниот шеф-диригент, маестро Јутака Садо од Јапонија.

Уникатниот тим на „Македонисимо квинтетот“ го сочинуваат Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал и Влатко Нушев на удиралки. Македонската претпремиера на „Македонисимо“ се одржа на 27 август под отворено небо во струшкото село Збажди на планаината Караорман. Овој концерт маестро Трпчески го посвети на своите претци, на корените на неговото семејство.

Светската на „Македонисимо“ се случи пред 5 години на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија. Оттогаш ги освојува светските музички меридијани со музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва.

Албумот „Македонисимо“ е во издание на британската етикета „Лин Рекордс“. Во проектот на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов. Според Трпчески, „Шахов со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови.“

Сподели