Филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски ќе биде прикажан вечерва во 20 часот во Кинотеката на Македонија. Филмот е дел од ревијата во чест на јубилејот – 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници. Во филмот од 2012 година, играат: Катарина Иванова, Сашко Коцев, Раде Шербеџија, Митко Апостоловски и др.
Во деновите што следуваат публиката ќе има можност да ја проследи јубилејната филмска ревија од избрани македонски филмови кои оставиле длабока трага во нашата кинематографија.
Во оваа ревија ќе бидат прикажани: „Денес треба нешто да се случи” (1978); „Ругање со Христос” (2018) (4 септември), „Северен Пол” (2022); „Соба со пијано” (5 септември), „Види ја ти неа” (2017); „Домаќинство за почетници” (2023) )10 септември и „Вирово” (1968) документарен филм; „Сестри” (2021) (12 септември).
-Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на Друштвото на филмски работници на Македонија и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нѐ трогне, инспирира и обедини, вели Игор Иванов – Изи, претседател на ДФРМ.
Сите проекции се бесплатни.





