На Природно-математичкиот факултет во Скопје викендов ќе се одржи третиот меморијален натпревар „Александар Блажевски-Цане“. Натпреварот го организира Сојузот на математичарите на Македонија, а има олимписки формат. Се состои од шест задачи (по три во два натпреварувачки дена), за чие решавање се предвидени по 4 и пол часа дневно.

– Новина е дека третиот меморијален математички натпревар ќе се реализира во две категории: јуниори и сениори. Тежината на задачите во двете категории е приближна на тежината на задачите од последното издание на јуниорската, односно на Македонската математичка олимпијада (ММО). Очекуваме да учествуваат сите пофалени или наградени ученици на досегашните натпревари – велат од Сојузот.

Натпреварот претставува и единствено изборно натпреварување за Европската женска математичка олимпијада (ЕГМО 2022). Во конкуренција за четиричлената македонска екипа се сите натпреварувачки во категоријата сениорки.

Натпреварувачите в сабота најдоцна до 9.30 часот треба да бидат пред зградата на ПМФ. Почетокот е во 10 часот.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.