Поемата „Цветко“ од Трајче Кацаров ја доби наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ што ја доделува Центарот за култура во Охрид во чест на патронот. Во образложението пишува дека „Цветко“ ја третира вечната тема за човековата ранливост и минливост, (не)исполентоста на очекувањата во дослух со самиот себеси, но и со традицијата, менталитетот, обичаите карактеристични за поднебјето кое живееме. За наградата одлучуваше комисијата составена од проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ (претседател) и членовите проф. д-р Мишел Павловски и д-р Славчо Ковилоски.

– Содржината се движи низ слободен стих, во ритам и стилска одржливост со помош на едноставен јазик, ставен во функција на пораката која треба да ја пренесе. Поемата „Цветко“ пишувана во модернистички манир, претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвора суштински егзистенцијалистички прашања – пишува во образложението.

Кацаров е поет, раскажувач, есеист и драмски автор, вработен како драматург во Центарот за култутра „Ацо Шопов“ – Народен театар Штип. Тој е наставен доцент на Интернационалниот универзитет за аудио-визуелни уметности „Еуропа Прима“. Во 1993 година го основа Списанието за уметност СУМ и е негов главен и одговорен уредник. Во 1996 година со група истомисленици, го основа месечникот за театар „Тренд театар“. Во 1997 година со група автори, го основа весникот „Стожер“ на Друштвото на писателите на Македонија. Како издавач има објавено триесетина книги од науката, есеистиката, уметноста и публицистиката, меѓу кои се: „Маларме“ од Ги Мишо, „Вера и скпеска“ од Јиржи Менцел, „Системот на Антонен Арто“ од Вадим Максимов, „Актерската игра“ од Михаил Чехов.

Наградата „Григор Прличев“ ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ што се одржува на почетокот на февруари.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.