Toy Story – македонска платформа за брзо пребарување подароци за деца на „Скампер“

Во пресрет на новата учебна година, компанијата за едукативни игри и технологија „Скампер“ ја креираше првата македонска платформа за брзо пребарување подароци за деца, наречена Toy Story. Овој „пронаоѓач на подароци“ е онлајн-алатка за едноставно и ефикасно избирање подароци за деца, кој ќе им помогне на сите родители, роднини и пријатели да го изберат најдобриот подарок за своето дете од листата на веќе селектирана и пречистена листа на подароци.

Процесот на пронаоѓање соодветен подарок се состои од три чекори. Се избираат пол, возраст и ценовна рамка со што се добива листа на одбрани и издвоени игри кои ги задоволуваат овие услови. Директно со линк, пронаоѓачот ве поврзува со производителот или продавачот на играта која ќе ја одберете, каде најчесто можете директно да нарачате.

Дополнително, корисникот може да ги филтрира подароците и по категории. Пронаоѓачот на подароци има различни категории на подароци: друштвени игри, едукативни игри, книги, сложувалки, дрвени играчки, возила или кукли и ги покажува сите моментални попусти и промоции на производите. Пронаоѓачот на подароци може да го погледнете на следниот линк.

– Се ближи 1 Септември и почетокот на училишната година, период кога најмногу доаѓа до израз потребата да се изберат најсоодветните подароци за најмалите, а посебно за првачињата. Го создадовме „Пронаоѓачот на подароци“ за да им го олесниме овој процес на сите оние кои се неодлучни или пак немаат доволно време за потрага по корисен и интересен подарок, а сакаат на децата околу себе да им подарат нешто вредно што ќе го паметат долго време – вели Тамара Димитрова, основач на „Скампер“ – компанијата што ја создаде оваа платформа.

Од „Скампер“ велат и дека компанијата ќе продолжи да креира бесплатни алатки, наменети да им овозможат на децата што повеќе забавно, едукативно и безгрижно поминато време. Инаку, компанијата „Скампер“ е позната по едукативните игри како „Падни – Стани“, „Скокни – Потскокни“, „Буква по буква“ и „Собери – Одземи“ кои се многу популарни и кај родителите и кај децата, а со чија помош се развиваат моториката, постурата и когнитивните вештини кај најмладите.

Сподели