Животот во Њујорк е маратон. Њујорк е најпрекрасното чудовиште. Треба многу елан, енергија, посветеност, кондиција, трпение, издржливост и постојано надградување и работа на себе. Од тебе се очекува да си на највисоко ниво и во секој даден момент да си најдобрата верзија од себе – вели актерот Наумовски.
Веќе 20-ина години актерот Тони Наумовски полека но сигурно ја гради својата кариера во земјата на филмот, САД. Њујорк е градот во кој секојдневно е соочен со предизвиците на својата професија, а во Македонија ни доаѓа секогаш со убав повод – премиера на филм. Така е и овојпат. Наумовски ја игра една од носечките улоги во новиот македонски филм „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов, чија премиера е вечерва во 20 часот во Центарот за култура во Битола, со што ќе биде затворен 44. ИФФК „Браќа Манаки“.
Вечерва Ве очекува премиерата на „Лена и Владимир“, македонски филм по подолго време и со главна улога. Дали сте возбуден што токму на фестивалот „Браќа Манаки“ ќе се случи премиерата?
– Секако дека сум возбуден, затоа што премиерата на филмот во Македонија е точно во мојата Битола на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“, нашиот наjреномиран филмски фестивал, но и затоа што конечно филмот ќе го започне својот долгоочекуван фестивалски живот, а вооедно и македонската публика ќе има можност да го гледа по кината низ Македонија од 19 октомври. Премиерата ќе биде во „Синеплекс“.

Како дојде до оваа соработка со режисерот Игор Алексов и каков беше процесот на работа, посебно соработката со актерката Сара Климоска?
– Со Игор Алексов-Битлс се знаеме и другаруваме уште од студентиските денови на софиската академија НАТФИЗ. Низ годините сме соработувале на неколку проекти, но ова ни беше прв заеднички филм со него како режисер. И покрај нашето долгогодишно другарство имавме исцрпувачки процес на кастинг и на крај за моја среќа Игор ми ја довери улогата на Владимир. Процесот на подготовка траеше подолг период исполнет со разговори, анализи, истражувања, проби и.т.н. Имавме прекрасна соработка, во која научив многу и за него и за себе. Игор е едноставно мајстор и се чувствувам почестен и благодарен што добив можност да соработувам со него.
Соработката со Сара беше како песна. Лесна, емотивна, мајсторска и забавна. Процесот течеше како вода. Сара е откровение, нова светлина во македонската кинематографија и пошироко. Не случајно ја доби Берлинската награда „Sвезда во подем“, токму со нашиот филм со улогата на Лена.
Неколку месеци филмските професионалци во Америка, вклучувајќи Ве и Вас, протестирате за повеќе права, како и за опасноста од преголемото вклучување на вештачката интелигенција во филмската индустрија. Може ли да се каже дека по подолго време ова беше обединување на филмаџиите кои сепак издржаа со месеци во својата идеја?
– Да. Апсолутно. Навистина не’ обедини и тоа е супер. Штрајкот трае веќе пет месеци. Пет месеци скоро ништо не се снима. Ова е историски момент, не само за американската, туку и за светската кинематографија. Овој глас далеку грмна и се’ уште грми, иако нашите колеги сценаристите од Здружението на сценаристи на Америка (Writers Guild of America) постигнаа договор пред два дена, ние се уште се бориме и ја имаме безусловната поддршка од режисерите, сценаристите, продуцентите, како и останатите филмски и театарски работници, не само во САД, Канада, Велика Британија, Австралија, но и од скоро сите останати земји во светот.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како актер во Њујорк?
– Овој одговор заслужува докторска дисертација. Предизвиците се навистина многу, насекаде и во секој момент. Секоја мисла, секој здив, секоја постапка е поврзана на долга патека со некој предизвик од најобичните секојдневни работи, па се до најсложните ситуации, како приватни така и професионални. Животот во Њујорк е маратон. Њујорк е најпрекрасното чудовиште. Треба многу елан, енергија, посветеност, кондиција, трпение, издржливост и постојано надградување и работа на себе. Од тебе се очекува да си на највисоко ниво и во секој даден момент да си најдобрата верзија од себе. Како професионален спортист, секогаш да си во одлично физичко и ментално здравје и да си во постојана состојба на подготвеност.
Кои Ви се следни проекти, дали е нешто на повидок?
– Да, следува премиера на втората сезона на ТВ серијата „Грлото на ѓаволот“ во Бугарија во којашто учествував како гостин. Серијата има извондредна екипа. Првата сезона имаше огромен успех и се емитуваше во повеќе од 20 европски земји. Се надеваме на уште поголем успех и со втората сезона.
Исто така следува премиера на краткометражениот филм „Мојот Њујорк“ (My New York), во којшто освен како актер се запишувам и како косценарист и еден од продуцентите. Ова е филм којшто е предговор за долгометражен филм со истиот наслов во режија на добитникот на Гран при на „Санденс“ за филмот „Кинијарванда“ (Kinyarwanda) во 2011 година – Олрик Браун.





