Тони Михајловски, Владимир Анастасов-Вац и Марина Колоска добитници на почесните награди на „Златна рамка“

Актерот Тони Михајловски, продуцентот Владимир Анастасов-Вац и Марина Колоска, филмскиот работник се добитници на почесните награди на 6. издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Наградите ќе им бидат врачени утревечер на свечена церемонија во Младинскиот културен центар, каде од денеска до четврток ќе се одржи „Златна рамка“. Филмските ентузијасти ќе може да ги проследат најновите филмски остварувања на домашните филмски таленти. Филмската ревија ќе започне традиционално, со свеченото собрание на ДФРМ, по што ќе следува богата тридневна филмска програма.

– Иницирана како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција, „Златна рамка“ се етаблира како клучен настан за промоција на македонската кинематографија. Примарната цел на фестивалот е транспарентно да ја претстави годишната продукција, а со тоа да го подобри квалитетот на проектите и да генерира интерес кај домашната публика и медиумите. Исто така, оваа филмска ревија нуди платформа за филмските професионалци да разговараат за релевантни прашања и да ги споделат нивните достигнувања. Во текот на следните три дена, „Златна рамка“ ќе служи како енергично место за средба на филмаџиите, актерите и кино ентузијастите – велат организаторите.

Тони Михајловски, истакнат филмски актер, е роден на 30 јуни 1967 година во Куманово. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Владимир Милчин (1993). Од 1994 до 1999 г. работи во Македонскиот народен театар, а потоа преминува во статусот слободен уметник. Во 2013 година повторно се враќа во Македонски народен театар – Скопје.

Владимир Анастасов – Вац, продуцент, ќе ја добие наградата за истакнат филмски автор. Анастасов дипломирал на Катедрата за филм, театар и ТВ продукција при Факултетот за драмски уметности во Скопје, Македонија. Во декември 2002 година, ја основа продуцентската куќа „Сектор филм“, во чии рамки е продуцент на голем број наградувани филмови, прикажани на меѓународни филмски фестивали.

Марина Колоска, истакнат филмски работник. Дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот камера. Од 2000 до 2004 година, својот кариерен пат го гради како дел од тимот на Македонската радио телевизија.

Целата програма на „Златна рамка“ на линкот.

Сподели