Томислав Османли предизвика интерес кај книжевната публика во Сплит

Во живописниот амбиент под ѕидините на древниот Диоклецијанов град, Сплит, писателот Томислав Османли вчера беше претставен пред хрватската јавност. Неговото творештво го претстави книжевната критичарка и преведувачка Патриција Хорват.

Османли за умно.мк споделува импресии.

-Настанот помина извонредно. Говорев за рецепцијата на мојата книга јудео-балкански новели и раскази „Светилка за Ханука” и за мотивите на мојот награден роман „Дваесет и првиот”, чие хрватското издание го претставив пред бројната и квалификувана книжевна публика. Беше тоа една динамично и занимливо водена промоција на двајца автори со слични творечки домени.  Одговарав на серија прашања за моето прозно, сценаристичко драмско и теоретско творештво во доменот на стрипот – вели Османли.

На промоцијата учествуваше и Ивица Иванишевиќ, кој сподели дека одамна е запознаен со неговата работа на стрипот, а за подарок Османли доби книга за стрип на хрватскиот автор, која е прва книга за дела на деветтата уметност објавена во Хрватска.

Вечерта посветена на Османли беше во рамките на проектот „Reading Balkans“ во рамките на „Креативна Европа“.