„Тоби“ на Театарот за деца од Скопје го отвора Фестивалот „Силјан Штркот“ во Прилеп

Со претставата „Тоби“ на Театарот за деца и младинци од Скопје, денеска на пладне  во Театарот „Војдан Чернодрински“ ќе биде отворен 4. издание на Фестивалот за театар за деца „Силјан Штркот“ во Прилеп. Фестивалот ќе продолжи утре со „Рибарот и рипката“ на „Театар Колозов“, а следува „Јованче и Марика“ на Театар „Бабец“ од Битола.

На 3 јуни ќе следува промоција на детска драмска литература, поддржана од РЕАД Регионалната мрежа за културна разновидност. Ќе бидат промовирани драмските текстови „Буна и Тули“ на косовскиот автор Ариан Красниќи и „Небо без рамка“ на турската писателка Сема Али Ерол.

Фестивалот „Силјан Штркот“ е основан во 2019 година, а една година паузираше поради ковид-пандемијата. Основан е група ентузијасти актери од Прилеп, поради потребата од едукација на театарска публика од најрана возраст. Претседател на фестивалот е Ангела Наумоска. Сместен е во деновите пред фестивалот „Војдан Чернодрински“, како предвесник на тоа случување. Досега имаат учествувано поголемиот дел од професионалните театри од Македонија, а се разбира и голем дел од независните продукции. Значаен дел на фестивалот зема гостувањето на Театарот за деца и младинци кој доаѓа на фестивалот секоја година. Се трудиме да им излеземе во пресрет на најмладите и да го задоволиме нивниот префинетиот вкус за театар.

Љубовта кон театарот треба да се негува и надградува. Влогот кон нашата младина е инвестиција за нашата и нивната иднина. Дојдете на фестивал да создадеме место каде најмладите ќе се дружат, ќе комуницираат и ќе се едуцираат. Да ги оставиме мобилните и компијутерите да појдеме на театар.

Оваа година покровители на фестивалот се Министерството за култура и Општина Прилеп, а пријатели на фестивалот се Прилепска пиварница, Крин КГ и Витаминка.

Сподели