„Несреден век“ е насловот на неговата последна поетска книга чија промоција пред десетина дена се одржа во Кинотека на Македонија. Синоќа, книгата ја имаше и својата втора промоција, во Берово.
Средниот век е најдолг период во историјата на Западната цивилизација, налик на средовечната доба во животот на човекот. И трае најдолго. Но, средниот век е различен од овој, „Несреден век“. Освен што се различни, тие се и слични, средниот и несред(е)ниот век, вели Тихомир А. Јанчовски, поет, писател, преведувач… човек. „Несреден век“ е насловот на неговата последна поетска книга чија промоција пред десетина дена се одржа во Кинотека на Македонија. Можеби „промоција“ и не е најпрецизниот термин за собирот на блиски и драги луѓе, уметници и пријатели без кои животот не би имал смисла. Синоќа, книгата ја имаше и својата втора промоција во Берово.
Колку „Несреден век“ има врска со средниот век, историски. Влече ли корени од таму?
– Како не?! Има голема врска, бидејќи на времето студирав среден век, токму таа област – историја на уметност и сум колку-толку стручен за фрескоживопис од 12. век. Но, средниот век како период е најдолг во историјата на Западната цивилизација, трае некаде од V до XV век и е налик на средовечната доба во животот на човекот. И таа трае најдолго, од 35 до 65 човек е средовечен… Но, средниот век е различен од овој „Несреден век“ за кој се пишува во книгата. Тоа е 21 век или можеби почеток на еден несреден век за кој не се знае колку долго ќе трае. Освен што се различни, тие се и слични, средниот и несред(е)ниот век. Бидејќи во средниот имаме еден екстрем, особено на Запад, во западната цивилизација, кога Црквата има големо влијание врз животот, си зема преголеми ингеренции и го задушува во некои аспекти. Оттука произлегува онаа синтагма, „мрачен среден век“. Сега, колку е мрачен, колку не е мрачен, колку е среден, а колку несреден… И средниот е несреден во таа смисла. Екестреми има, преголемо влијание, а денес Црквата е ставена на маргините, воопшто нема такво влијание како тогаш.

Но, улогата што ја имала тогаш, во формирањето на мислењето, во наметнувањето на еден поглед на светот, еден начин на живот, денес, а особено во овие последни години ја има државата како инистуција. Или државите на светот кои во овој глобализам стануваат поповрзани и повеќе налик една на друга. Станува сеедно дали човек е од Македонија или од Америка, Британија, Франција, Буркина Фасо, од Гватемала… бидејќи насекаде се спроведуваат слични или исти политики врз луѓето. Различноста за која овој несреден век на зборови се залага е демократијата како вредност, почитување на разликите меѓу луѓето, слобода, а во праксата имаме сè повеќе обратност од тоа. Така во праксата имаме една силно изразена тенденција кон едноумие, жигосување на сите што се различни и поинакви и дозволување само на едно можно толкување на нештата. Исто како во средниот век.
Сепак, иронијата е во тоа што сите ние сакаме да веруваме дека живееме во „најдемократското време“ што историјата го познава. Голем удел во тоа има и развојот на технологијата.
– Тоа е секогаш исто. Секое време е последно време. Никогаш времето не било претпоследно. Било старо или ново, но кога живееле, сите луѓе живееле во последните времиња. Мигот во кој постои, за секој човек што постоел или постои е последно време. И сите времиња се последни. Во книгата има песни што ги допираат сите овие нешта. „Несреден век“ е всушнист втор дел од „Пред некое време“, тоа се два дела од една иста книга. Пишувани се во исто време и се однесуваат на исти феномени. И не се пишувани сега туку пред неколку години, а сега кога се објавени, се еднакво свежи како да беа објавени тогаш. Имам и многу постара збирка, од 2005 година, се вика „Последно време“.

Пишувате поезија и проза. Сиве овие нешта наративно полесно би се објасниле, раскажале. Зошто најчесто се решавате за поезија?
– Прозата ми е многу полесна, но одзема повеќе време. И да се напише сиот текст, да се организира, да се доведе до задоволителен облик на пишана книга. Прозата е полесна за пишување бидејќи поезијата е сконцентриран вид изразување и му дава многу поголема слобода на читателот; тој да толкува според своето искуство. Така што една иста песна, моја иста песна и мене ми била и ми е различна кога сум бил на 35, на 45 години и сега.
Му дава поголема слобода на читателот, но му става еден вид пранги на авторот, фокус во изразот…
– Поезијата е само за луѓе кои имаат трпение и ред во себе. Не може секој да пишува поезија, бидејќи таа бара повеќе. Прозата е многу полесна, авторот доста кажува и читателот само чита, а во поезијата треба да толкува, да размислува, таа да го заинтригира за нешто и тој самиот да ја домисли. И затоа поезијата повеќе ја сакам. Сакам – не сакам, мене ми доаѓаат работите да ги напишам. А прозата ми е… Ете, еднаш на Фејсбук тргнав да напишам песна и излегоа три странци проза. Боза. Тоа е многу лесно. И текстот имаше многу повеќе читатели отколку песната. За песната се бара пософистициран, поспецифичен сензибилитет. До пред неколку години, кога ме прашуваа кога ќе го напишеш првиот роман, на сите им одговарав – никогаш, не сум јас за тоа, сè додека не ми дојде романот „Лидија, или сè што знам за жените“. Беше 2018 година и го напишав многу побрзо од збиките што ги пишувам. Некогаш ми треба по неколку години да ги соберам песните, а романот го напишав за пет дена. Беше напишан по вдахновение, од чиста инспирација, што не значи дека сè внатре е измислено тогаш, во тие пет дена. Многу од работите кажани внатре ги имам забележано на разни места, и објавувано, и кажувано. Ова беше само заокружување на сето она што е внатре, во човекот, во прозна форма.
Веројатно патот секогаш води до точката кога ќе созрее моментот…
– Секој писател, па и сликар или музичар, во својот живот создава едно дело. Тоа има разни делови, но е едно во опусот на еден автор. Како што човекот има еден живот. Тоа е истиот човек кога тој бил дете, млад човек, возрасен и ако доживеал старост…, тоа е истиот човек и делото исто му изгледа. Очите му се исти, душата му е иста, тој постојано пишува за себеси, за својот живот… Ако пишува од нешто прочитано, најдено, шпекулира… има и такви дела, не дека нема, но тие се краткотрајни, постојат во моментот, и потоа се губат, исчезнуваат. Меѓутоа, другите дела кои зборуваат за суштината на животот и за она што е одлика на сечие постоење, тоа се секогаш дела што зборуваат за непроменливи, духовни работи. Тоа не се менува. Ако го читате денес Августин од Хипон, или Достоевски или Атанасиј од Александрија, ви се чини дека овој човек живее некаде тука, во соседството. А тие луѓе живееле во временски распон од повеќе стотици, па и илјади години.

Но тоа што спомнавте, технологијата во живеењето, тоа се менува. Денес во Македонија има многу автомобили, на времето имаше на три семејства еден автомобил – застави, југовци, по некоја фолксваген буба, фиат 1300… Сега имаме семејства со по 3-4 автомобили, а луѓето не скокаат од среќа. Ако тоа било среќата и богатството, зошто не се среќни сега?! Ако човек прејде од пониско на повисоко ниво на материјално живеење, тоа е како на детето играчка кога му се купува. Среќно е час, два и толку, играчка е. Меѓутоа тие вечни вредности кои остануваат, за нив луѓето пишуваат отсекогаш и мислат отсекогаш. Тоа се темите на љубовта, на пријателството, на смислата на постоењето, на патот кон непознатото, откривањето на самиот себеси преку другите, живеењето како феномен, како дар кој треба да се разбере.
Низ сиот Ваш живот, многу патувања по светот, живеења на различни места. Како гледате на тоа од денешен аспект? Колку Ве збогати тоа како човек?
– Тоа е секако битно. Едно е човек што не мрднал од своето село или град, друго е човек што прошетал половина Земја, трето е што човек утре ќе може да отиде и до други небески тела. Мислам дека мојот живот не би бил многу различен и да ме ставеле во затвор или во двор од 500 квадрати, оти вистинското патување е… како што постои надворешно, постои и внатрешно. И секогаш може да се направи еден вид рамнотежа. Оној што не патува многу надвор од себе, патува внатре во себе. Јас многу патував, ама на помлади години, докај 35.

Потоа многу почнав да патувам низ Македонија. Пред 35 имав одено на места за кои повеќето луѓе од Скопје само слушнале, никогаш не ги виделе со свои очи. Ама и сега можам да им зборувам за места во Македонија за кои ниту слушнале, ниту ги виделе во својот живот. Има такви прекрасни географски предели, такви убави села, такви интересни луѓе насекаде во оваа мала земја од два милона жители и скромен број километри квадратни. Но, и таа е доволна, доволно бесконечна за човек вечно да шета само низ неа и да истражува. А може па и како во средниот век, доволно му било на човек неговото село, блиската планина, нивите и ливадите што ги имал. Тогаш главно така се живеело – 95 отсто од населението се закрепостени селани, но и тие остварувале живот со смисла. Времето и просторот се навистина релативни и во овој контекст.
На промоцијата на „Несреден век“ во Кинотека собравте повеќе блиски луѓе, другари со кои сте поминале голем дел од животот, пријатели од поскоро време…
– Така се погоди. Јас работите не ги планирам, или не многу однапред. Испланирав „Несреден век“ да излезе отприлика кога ќе излезе „Пред некое време“, а нејзината промоција беше на 30 септември. „Несреден век“ во Кинотека беше на 17 октомври. Реков да бидат едната па другата промоција оти се една книга. Се договоривме во печатницата и направивме така. Да чекав Министерство да одобрува, едната ќе беше 2021 другата 2022, или 2024 година. Ама не можев да дозволам толку време да помине, па така сѐ направив на свој трошок, вака. Како што е. А зошто на промоцијата беа токму тие луѓе… зашто така се погоди. И „Пред некое време“ имаше многу убава промоција. Иако не беше со звучни имиња, но беше со не помалку важни луѓе. Не мора секогаш човек да е истакнат и име во јавноста за да биде голем човек. На „Пред некое време“ зборуваше мојот колега со кого предававме заедно во „Орце Николов“, Душко Стојановски – професорот кој е легенда во Скопје. Има на толку луѓе помогнато, им има отворено очи, што тие го сакаат како… светец. Но, тој не е ескпониран во јавноста.
На промоцијата на „Несреден век“ промоторка беше Тања Аждаја, релативно ново име во македонската литература, но генијален автор, со неверојатен осет за јазик, за метафизиката на јазикот и неговите тајни. Горазд Кени Китановски, кој иако е млад, има голем ентузијазам и талент за поезија, и многу го ценам. Меѓу уметниците беа и од постарата гарда: од „Мизар“, Зоран Тортевски (Братот) кој сега пее, но и главниот човек од „Мизар“ кој во сите овие години е стожер на групата, Горазд Чаповски. Тој не беше на сцената, но беше во публиката. „Летечки пекинезери“, ретко добра музичка група на овие простори, со голем ентузијазам, љубов за музиката и тоа зрачи, се познава од нивните настапи, начинот на кој свират. Толку ја сакаат музиката што публиката не може да остане рамногушна. Добрила Грашеска, најпродорен глас што воопшто некоја пејачка го имала во Македонија, особено на народна и етно музика, сега настапува со Доријан Јовановиќ, претходно со „Чалгија саунд систем“. Тука беше и Оксана Фурс од Украина, моја колешка од времето кога студиравме среден век. Таа е историчар, една широко образована личност со големи познавања од литературата и уметноста, која дојде од Киев за да присуствува на оваа промоција. Имаше свој мал говор. Беше и Моника Силјановска, исто така една омилена професорка позната низ Скопје. Беше и Страхил Петровски кој се потруди, црташе.
Јавната личност има контакт преку медиумот, додека овие личности како професорите Душко и Моника, тие се во директен контакт со нивните луѓе. И тие не се малку на број. Тие воспитуваат, и образоваат генерации и на крај, пред да одат во пензија ќе имаат илјадници свои воспитаници. Многу е битно во тие млади години да сретнете некој таков човек кој ќе ви ја разбуди човештината.

Уште еден учесник на промоцијата не спомнавме, а тој е многу битен – мојот син Антониј кој има 15 месеци и кој претставуваше еден исчекор не само во моето дотогашно живеење, туку и во мојот ум. Оти јас него не го доживувам само како дете за кое треба да се грижам. Го доживувам како учител, оти од него гледам, од тоа мало детенце гледам што е вистинскиот живот и како треба да се живее. Него уште цивилизацијата го нема допрено и тој живее совршено. И ние може да живееме така ако учиме од децата, ако тие ни бидат учители. Да не им ги наметнуваме нашите предрасуди, стравови. Детето сака постојано да оди, да се движи, не сака да стои во едно место. А ние се зачмајуваме, седиме по канцеларии, сакаме да лежиме, да одиме по одмори со лежење и го губиме осетот за смислата на своето постоење. И после не ни е добро, се разболуваме. Никој не ни е крив, само треба повеќе и поодблиску да ги гледаме малите деца. Тие се најсовршените луѓе и најголемите умови меѓу нас.
Фото: Од промоцијата во Кинотека на Македонија со одобрение од Тихомир А. Јанчовски





