„Тие не ги отвораат очите“ од Тања Балаќ во „Мала станица“

Проектот „Тие не ги отвораат очите“ на уметницата Тања Балаќ ќе биде претставен вечерва во 20 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Проектот се состои од видео проекција на експерименталниот филм Next Generation и инсталација. Според ликовната критичарка и теоретичарка Натали Рајчиновска-Павлеска, видеото пунктуира со корпоралноста на содржината, а нејзината материјална природа е токму во антрополошкото одредиште на она што значи елемент на социјалното ткиво, самата едукација како систем на вредности и систем на разлики.

– Согледувајќи ја (не)прагматичноста на самоодредливото, на индивидуализмот како неминовен елемент на посакуваните и очекуваните политики на еманципација, авторката смело го наметнува прашањето: Кој ги гради вредностите, а кој разликите? – вели Рајчиновска-Павлеска.

Тања Балаќ е родена во Скопје во 1968 година. Во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година и негова претседателка. Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено повеќе награди и признанија. Остварила повеќе самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувала на многу групни претставувања.

Сподели