The Rolling Ethnos го отвораат Етно-клубот на ПМФ во Скопје

Во паркот пред долната зграда на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во близина на Ботаничката градина денеска од 12 до 14 часот ќе биде отворен Етно-клубот на Институтот за етнологија и антропологија. Деновиве студентите и вработените на Институтот вредно ги привршуваат последните активности. Клубот е замислен како место за дружба, предавања, работилници и промоции, помеѓу зеленилото и верверичките. На свеченото отворање концерт ќе одржи бендот The Rolling Ethnos, составен од студенти по етнологија и антропологија и нивни пријатели, а најавени се и специјални гости. На програмата се песни посветени на природата, птиците, дрвјата.

Според Илина Јакимовска, раководителка на Институтот, на вработените и на студентите на Институтот за етнологија и антропологија, а веројатно и на сите останати на ПМФ, со години им недостасува место за неформално дружење.

– Потребата од тоа особено се почувствува во текот на пандемијата, кога отворениот простор беше единствен за безбедно опуштено комуницирање. Се надеваме дека Етно-клубот ќе биде токму такво место кое на еден ентузијастичен начин ќе покаже дека и без големи грантови и финансии, со поддршка само од колеги и пријатели, може да се направи многу. Лично се надевам дека ова е почеток на убава приказна која студентите ќе ја почувствуваат како своја и ќе ја тераат понатаму, со секоја нова генерација. За таа самоодржливост да биде можна во рамки на отворањето ќе имаме и донаторска акција, со изложени ракотворби и храна подготвена од самите вработени на Институтот – вели Јакимовска.

Беџовите од Елизавета Матјушенко

Етно-клубот е создаден со помош на донации од поединци, како резултат на долгогодишна потреба и желба за ваков простор за вработените и студентите. Секој посетител денеска ќе може да купи дел од ракотворбите и да придонесе клубот да заживее. Дел од понудата се беџови со пролетни мотиви дизајнирани од академската сликарка и графичка дизајнерка, Елизавета Матјушенко од Украина, која во моментов е во Македонија со своето семејство. Половина од донираните средства за беџовите се за авторката.

Сподели