Не можам да ви опишам колку многу се пронаоѓам во оваа книга. Патем, не ви се претставив. Јас сум Горана и за 3 месеци полнам 18. Но, јас пораснав, станав „најгласна“. Го афирмирам гласот на средношколците, станав нивен амбасадор
Пишува: Горана Симонова, ученичка во СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка
Навидум мала, тенка, па дури и некој би ја нарекол детска, но јас би рекла: „Не ѝ суди на книгата по нејзините корици“. Светот се врти околу Лана. За 3 месеци таа полни 18. Самата нејзина егзистенција ѝ прави несигурност, сè додека не го запознае ликот кој ќе ѝ го промени животот.
Да започнам од мојата прва импресија. Тоа беше една самокритична интровертна личност без ниту трошка самодоверба. Но, зошто? Заради тоа што не можеше да ја изговори буквата „р“? Затоа што сите ја малтретираа поради тоа? Апсолутно. Јас тоа би го нарекла еден модел на булинг. Навистина тежок збор е булинг, меѓутоа тоа е таа темна слика на денешното општество која е закачена на секој ѕид во секое училиште.
Моментално сакам да ја скокнам целата филозофија на книгата и да се насочам кон главниот момент од кој започна сè, а тоа е испраќањето на Лана на францускиот камп од страна на нејзините родители. „Кошмар, сивило, не гледам, ми се врти од учење англиски, но учам колку да не умрам од глад таму…“ – зборовите на Лана ме допреа во оној момент кога се ставив во нејзините чевли. Ја почувствував нејзината повлеченост кога таа избра предмети на кампот, на кои нема потреба да зборува. Ја почувствував нејзината несигурност кога таа влезе во мензата меѓу стотина луѓе, плашејќи се дека сите ќе ѝ се изнасмеат кога ќе ѝ падне парче храна на облеката. Ја почувствував нејзината слабост кога се понижуваше себеси мислејќи дека никогаш нема да биде достојна за момчето што ѝ се допаѓаше, момчето кое прво се запозна со неа и ја вклучи во неговото друштво. Таму сите беа поразлични, полни со самодоверба, дружељубивост и толерантност. Океј, не баш сите, но барем друштвото на Ерик беше. Ерик беше личноста што го покриваше секој блам на Лана, а друштвото пак секогаш се бламираше кога и таа се бламираше. Да, го употребувам зборот блам бидејќи илјада пати го сретнав во книгата. Но, не е тоа поентата. Секој човек е различен карактер самиот по себе.
Карактерот на Лана беше осветлен од страна на Ерик. Моето задоволството беше најголемо кога тој ја зема Лана кај него во соба бидејќи беше избркана од нејзините љубоморни цимерки. А, да не зборуваме за моменот кога тој ѝ кажа „kiss me“ – што значи бакни ме… Како во бајка. Тоа беше новиот почеток за Лана. Држејќи ја раката на Ерик за неа не постоеше страв, а тој само сакаше таа да биде среќна.
Луѓе, јас не можам да ви опишам колку многу се пронаоѓам во оваа книга. Патем, не ви се претставив. Јас сум Горана и за 3 месеци полнам 18. Веќе заврши школската година, а за десетина дена ќе одам на француски камп. Жалам што не е во Франција, но сепак е француски. Интровертна личност сум, не се чувствувам силна во поголем дел од ситуациите во кои се наоѓам и најверојатно немам самодоверба. И да, навистина сум самокритична, но барем можам да изговорам убаво „р“. Додека ја читав книгата се присетив на моето прво патување на само 13 години во Литванија. Кошмар, сивилно, не гледав, не знаев англиски, се трудев да го научам. Кратко беше времето, не сакав да се одделам од дома. Си го сакав креветот, фрижидерот и родителите, сè додека не ме пратија на другиот крај од светот.
До 4-тиот ден од кампот, збунето ја читав книгата. Умот постојано ми правеше некакви си паралели со онаа мала Горана која немаше ниту трошка самодоверба, пратена на едно навидум долго патување. Но, јас пораснав, станав „најгласна“. Го афирмирам гласот на средношколците, станав нивен амбасадор. Не се плашам да патувам, се плашам да не се вратам во оние темни ѕидови во кои што бев затворена. До самиот крај на книгата не ја тргнав насмевката од моето лице, гледајќи како некоја личност поминува низ истото низ што поминав јас. А, најважно е дека и двете приказни имаат среќен крај.





