Филмот „Телесна одисеја“ во режија на Грација Трикарико од официјалната програма на „Синедејс“ ќе биде прикажан вечерва во 22.30 часот во МКЦ Парк. Дебитантскиот филм на Трикарико е преамбициозна приказна за 40-годишен бодибилдер опседнат со совршенство. Приказната допира длабоко во психата на спортистот.
Претходно, во 20.30 часот ќе може да се проследи црногорскиот „Здрави и живи“ во режија на Иван Мариновиќ. Два дена пред свадба, црногорска традиционална. Невестата се предомислува.
Во летното кино на Кинотеката во 21.30 часот ќе биде прикажан „Дух на екстазата“ на Хелена Клоц.
– Во овој свет во кој живееме, во кој доминира технолошкото забрзување и каде што општествениот статус е често директно поврзан со парите, „местото на луѓето на бојното поле на иднината” е во прашање.
Од 20 часот во Кинотеката ќе претходи филмот „Скопје 1963“ – документарен филм за еден од најтажните денови во историјата на Скопје. Како изгледало Скопје тие денови и како скопјани се организирале обидувајќи се да ги вратат нештата во нормален тек.
Два филма од програмата Гала ќе бидат денеска на програмата. Во 19.30 часот ќе биде прикажан „Мој Марчело“ во режија на Кристоф Оноре. Ќерката на славната италијанска филмска икона Марчело Мастројани облекува црн костум и се претвора во ликовите што татко ѝ ги игра во „8½“ и „Сладок живот “, внесувајќи забава во француските филмски кругови.
Најновиот филм на Дејвид Кроненберг – „Покров“, е закажан во „Фросина“ во 21.30 часот. Станува збор за морничав, мрачен, но и смешен хорор, кој на некој начин е инспириран од смртта на сопругата на Кроненберг во 2017 година.
Во паркот на МКЦ во 23 часот ќе настапи „Сирил Сирил“ – швајцарско музичко дуо формирано од Сирил Јетеријан и Сирил Бонди. Нивниот звук претставува уникатен спој на фолк, психоделија и етно музика и создава хипнотичко и опојно искуство за слушателите. Музиката на дуото е под големо влијание на традиционалните северноафрикански и блискоисточни ритми, помешана со модерни електронски елементи и експериментални техники. Вокалот на Сирил Јетеријан, придружуван од низа инструменти како тапани, гитара и оргули, создава атмосфера налик на сон и транс. Настапите на дуото се познати по нивната енергија и интензитет, правејќи ги бенд што мора да го видите во живо.