Во Музејот на град Скопје во тек е изложбата „Тела“ од уметницата Лина Дамјан. Таа се претставува со слики, претежно големи формати работени во правецот поп-арт. Дамјн вели дека оваа изложба навлегува во пресекот на телото, идентитетот и културата, замислувајќи го голото тело и како платно во шарениот свет на поп естетиката.
– Со смели бои преку графички медиум ве поканувам да го преиспитате телото не само како предмет на желба, туку како симбол на индивидуалниот и колективниот идентитет. Во „Тела“ голото тело станува динамичен елемент на визуелниот разговор. Карактеристичната разиграност на поп-артот се користи за да се издигне телото од обична репрезентација до главен учесник во дијалогот за културата, идентитетот и естетиката – вели таа.
Младата уметнца објаснува дека и машките и женските тела на изложбата се претставени како ликови во рамките на поп-арт правецот. Употребата на комерцијални техники за графички дизајн, служи и за критика и за славење на начините на кои телото се комодифицира и идеализира во современата култура.
Куратор на изложбата е Гордана Велков. Според неа, во својата четврта самостојна изложба Дамјан се претставува со своевиден ликовен и личен перформанс на голи тела во голем формат. „Телата коишто ги прикажува Лина Дамјан не преставуваат само едноставен приказ на голи тела, туку се и уникатна можност за трансценденција од физичкото кон естетското и емоционалното, со што уметникот ја раскажува својата лична приказна и ги предизвикува перцепциите за нас и за светот. Моментот на ослободувањето од физичката димензија преставува и ослободување од општествените и моралните стеги и токму со овој медиум – дигитален векторски цртеж, Лина Дамјан го овековечува инаку толку ефемерното и минливото чувство за убавина и задоволство. Целокупниот дискурс на двете голи тела поставени во различни позиции, димензии и фрагменти со мултиплицирани движења во критериумот на параформација и позирање ја отсликуваат репродуктивната страна на фотографијата како база во компјутерскиот цртеж“, пишува Велков.
Изложбата ќе биде отворена до 2 септември.