Театарскиот перформанс „Лилит“ во „Центар-Јадро“

Театарскиот перформанс „Лилит“ вечерва во 20 часот ќе биде изведен во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ во Скопје. „Лилит“ е првата фаза од театарското истражување Notebook of Silence, соработка помеѓу актерката Јасмина Билаловиќ, композиторот Алесандро Ола (Италија/Шпанија) и драматургот Јелена Вуксановиќ (Србија). Проектот е замислен во различни фази кои оживуваат, во различни контексти, простори и кои вклучуваат различни соработници низ целиот тек на истражувањето.

Делото е правено по текстови на Ришард Ниечим, драматургијата и режијата се на Вуксановиќ, а игра Билаловиќ. Композитори се Алесандро Ола и Маја Стајнберг, сценографијата е на Мартин Манев, а костимите на Павел Маслов.

Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности. Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обремента од судовите на светот. Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себе си во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што е, а со тоа се прифаќаа себе си и конечно може да ја напушти старата, зададена, улога, ослободена од товарот на срам и вина. Носител на проектот е Културниот центар „Медиа артес“.

Сподели