Настан посветен на Театарот на угнетените на Аугусто Боал – театарска и општествена практика која го спојува уметничкото дејствување со борбата за правда, солидарност и помирување, ќе се одржи вечерва во 19 часот во КСП Центар Јадро во Скопје. Режисер и водител на настанот, во улога на Џокер, ќе биде режисерката Зоја Бузалковска. Ќе играат: Александар Степанулески, Ангела Пејковска, Лора Штарго и Мартин Мазнев. Визуелните интервенции се на Ѓорѓе Јовановиќ, а технички продуцент е Павле Игновски.
Настанот е наменет за сите кои веруваат дека уметноста и културата можат да бидат средство за општествена преобразба, заедничко учење и колективно дејствување. Преку примери, практични интервенции и разговор, ќе се отвори простор за размислување за театарот како алатка за отпор, за јавно преиспитување на угнетувањето и за создавање можни алтернативи во реалниот живот. Театарот овде не е само претстава, туку процес – „проба за реалноста“ во која гледачите стануваат активни учесници.
Настанот отвора простор за заедничко промислување и дејствување околу теми што често остануваат невидливи или маргинализирани во јавниот дискурс, како што се: родовото насилство како тивка последица на политичко општествените конфликти, особено во периоди на транзиција и криза, кога насилството се нормализира, економската несигурност расте, а траумата се пренесува во секојдневниот живот.
Замолчувањето на женските искуства во процесите на справување со минатото, каде страдањето и активната улога на жените ретко се признаени, а недостасуваат родово чувствителни архиви, истражувања и јавни политики.
Потребата од интерсекциски и трансетнички пристап во помирувањето, кој го препознава родовото и семејното насилство како системски, а не приватен проблем, и отвора простор за солидарност и заедничко дејствување надвор од етничките и општествените поделби.
Организатор е Форум цивилен мировeн сервис – ПроПис Северна Македонија.





