Театарот мора да служи и како предупредување за опасност и како центар за отпор

По изведбите на претставите секогаш организираме дискусии за да разбереме како се чувствува публиката, какви мисли има по ова емотивно искуство. Понекогаш им кажуваме директно дека се обидуваме да допреме до нив преку уметноста, да ги разбудиме – вели режисерот Владислав Троицки, чија претставата „Танцот на смртта“ утревечер ќе го затвори „Млад отворен театар“

Владислав Троицки е режисер, актер, драматург, ја има добиено Националната награда „Шевченко“ за неговата опера „Јов“ во 2020 година. Од 90-тите години тој е активен на независната театарска и музичка сцена и оставил големи обележја со своите креации. Деновиве гостува во Скопје на фестивалот Млад отворен театар, каде утревечер ќе биде изведена претставата „Танцот на смртта“, создадена за време на првите години на војната во Украина.

Фото: Olga Zakrevska

Во овој перформанс создаден кратко по почетокот на руската воена агресија, шест актерки и пејачки ги раскажуваат приказните на жени од Украина – приказни за војната и нивните секојдневни животи и нивните семејства и за тоа како ова го има променето нивниот однос кон животот. Со огромна сила и ранливост, неуморно го раскажуваат нивното заминување и пристигнување, раскажувајќи ја приказната на оние што останале.

Започна агресијата и вие се собравте да правите театар. Може ли да ни објасните како одлучивте да подготвите театарски перформанс среде војна?

– Нашиот тим во Современиот уметнички центар Дак одлучи да започне театарски перформанси во странство, зашто сфативме дека по започнувањето на инвазијата, европското општество повеќе нема да реагира како што беше во првите недели или месеци. Војната полека почнуваше да бледнее и се движеше од вестите на насловна страница до споредни вест. Ни требаа чекори да создадеме нешто што длабоко ќе резонира со народот. Создадовме два документарни перформанси – првиот Danse Macabre со Dakh Daughters, што имаше премиера во театарот „Одеон“ во Париз во јуни 2022. Вториот – Mother’s Heart, што го поставивме со тимот Дак театарот пролетта 2023 година. Паралелно, нови програми со мјузикл беа развиени за Dakh Daughters и Dakha Brakha и други уметнички настани и иницијативи беа промовирани глобално. Како и да е, по театарските перформанси го добивме најсилниот одговор од публиката – најчесто длабоко емотивен. Некои гледачи споделија дека, по гледањето на нашите претстави, почнале да разбираат што значи војната.

Какво ви беше чувството да ја изведувате претставата на почетокот, а како е денес по две години од агресијата? Дали сè уште го поминувате истиот процес во групата?

-Се разбира, во изминатите три години, темата за војната и ставовите кон неа се сменија значително. Од една страна, како да стана вообичаена работа. Од друга, Европејците сега имаат подлабоко разбирање дека глобалниот ред е нарушен и дека ова директно ги погодува нив. Типичната реакција пред две или три години беше: „Ова е ужасно, но ни изгледа далечно“. Денес, Европејците ги чувствуваат последиците од овој пресврт во нивните држави.

Постои оживување на изразно десничарските и левичарските ставови во различните делови на светот и се чини како да се формира оска на злото, тоа се примери на држави како Иран, Русија и Северна Кореја. Мудри индивидуалци ја препознаваат опасноста што се заканува да ја дестабилизира нивната иднина. Ова е публиката што целиме да ја добиеме, како и тие што сè уште не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата. Се обидуваме да ги допреме и нивните срца, исто така.

Фото: Serge Serdiukov

Какви се реакциите на публиката по претставата? Дали тие ги споделуваат нивните мислења, емоции?

-По изведбите на претставите секогаш организираме дискусии за да разбереме како се чувствува публиката, какви мисли има по ова емотивно искуство. Понекогаш им кажуваме директно дека се обидуваме да допреме до нив преку уметноста, да ги разбудиме. Но, ако не ни успее, многу е веројатно дека еден ден, некоја чизма ќе дојде да тропне на нивната врата. Тоа може да биде чизмата на рускиот војник или на неонацист од нивната сопствена држава или од некоја соседна. Ова не е апстрактен концепт, ами е реалност. Веќе сведочиме за растот на десничарите на изборите низ многу држави, следени од зголемениот притисок врз уметностите.

Ве радува ли можноста да настапувате во нашата земја и особено на фестивалот МОТ кој дава фокус посебно на модерниот театар?

-Многу сме среќни што сме тука. За нас е голема чест што сме поканети на МОТ. Сме гостувале во Скопје неколку пати, најчесто со операта „Јов“ во Операта и Балетот, но никогаш не сме донеле театарски проект овде. Затоа сме вистински благодарни за оваа можност.

На што сте фокусирани во моментов? Дали имате нов проект?

-Во моментов го лансираме нашиот нов проект наречен Antidote. Целта е да се создаде контролирана средина каде публиката активно ќе биде ангажирана во конструирање и деконструирање лажни наративи. Нагласувајќи ја механиката за креацијата на лажните медиуми, се надеваме да ја „инокулираат“ јавноста против овие манипулативни закани. Проектот ќе вклучува мултимедија, вештачка интелигенција, перформанси, театарски пиеси и извонредни искуства, и онлајн и офлајн.

Дополнително, проектот може да има придобивка и до конференции и состаноци со експерти за да добие подлабок поглед во руската тактика за субверзија, што служат за дестабилизација на општества, на потиснување слободи и на охрабрување на радикализмот поддржувајќи популистички партии и идеологии во цел свет.

Убедени сме дека театарот мора да му служи и како предупредување за опасност и како центар за отпор.

Насловна фотографија: Siren Hojland

Сподели