Театар Комедија ќе добие ново гледалиште со поддршка на полската влада

Со финансиска поддршка на Владата на Полска, Театар Комедија ќе добие реконструирано гледалиште и промена на седиштата. Ова вчера беше соопштено во Театар Комедија, на настан на кој присуствуваше и амбасадорот Мариуш Бримора. Останатите средства за заокружување на проектот ќе бидат обезбедени од Министерството за култура и туризам на Македонија и физички лица кои ја поддржуваат оваа благородна иницијатива. Полскиот амбасадор ја истакна важноста на културната дипломатија како мост за меѓусебно поврзување.

– Важен дел од активностите на МНР на Полска е развојната соработка, во кој им помагаме на земјите и општествата во развој. Секоја година, амбасадите испраќаат предлози за проекти за помош до Варшава, од кои комитетот ги избира проектите кои ќе бидат имплементирани во дадената година. Само во 2024 година, полските амбасади на Западен Балкан имплементирале 17 проекти за помош во вредност од над 220 илјади евра. Нашата денешна средба во Театарот Комедија е поврзана со фактот дека оваа година Амбасадата на Полска во Скопје доби средства за реализација на два проекти поднесени од нас, од кои еден се однесува токму на овој театар – истакна Бримора.

Станува збор за проект за ревитализација на театарскиот аудиториум, за кој Полска ќе одвои 29.000 евра.

– Tокму денес го потпишуваме договорот со театарот, кој претпоставува дека проектот ќе биде реализиран пред крајот на оваа година. Уште повеќе сме задоволни што веќе претходно ја започнавме соработката со Театарот Комедија, кој во претстојната сезона ќе ја претстави претставата на водечкиот полски драматург Витолд Гомбрович „Ивона, принцезата од Бургунд”. Се надеваме дека премиерата на оваа претстава, закажана за ноември тековнава година, ќе можеме да ја гледаме седејќи на новите седишта во реновираниот аудиториум. Мојата желба би била програмата на Tеатарот Комедија секоја година да вклучува претстава од полски драматург – истакна Бримора.

Сподели