Втoриот ден од Скопскиот џез фестивал почнува вечерва во 18 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар со проекција на документарецот „Blue Note Records: Beyond the Notes“ од 2018 во режија на Софи Ибер. Blue Note Records, една од најзначајните издавачки куќи во историјата на џезот и американската музика воопшто, бил дом на револуционерни уметници како Мајлс Дејвис, Телониус Монк, Џон Колтрејн, Бад Пауел и Арт Блеки, како и на денешните ѕвезди Роберт Гласпер, Амброз Акинмузире и Нора Џонс.

Низ ретките архивски снимки, тековните студиски сесии и разговорите со џез иконите Херби Хенкок, Вејн Шортер и сегашните Blue Note ѕвезди, одгатнува една моќна мисија, осветлувајќи ги виталните врски меѓу џез и хип хоп музиката.

Во Националната опера и балет во 20 часот концерт ќе одржи грчката пијанистка, композиторка и импровизаторка Тања Џанули. Таа го истражува џезот како најкреативна музичка форма, редовно користејќи импровизација во својата пракса. Инспирирана е од многу различни традиции и влијанија, а нејзината музика и интердисциплинарни проекти опфаќаат импресивен опсег на стилови – инвентивен и нелимитиран амалгам на денешната глобална реалност. Нејзиниот „отворен музички јазик“, што им пркоси на жанровите, често се опишува како лирски, инспиративен, комплексен, еклектичен, опоен и исклучително оригинален. Триото на Џанули изведува возбудливи оригинални композиции со несекојдневни музички синтези, бришејќи ги границите помеѓу Истокот и Западот, современата музика, музиката на светот и џезот.

Во 22 часот концерт ќе одржи Јакоб Бро – дански гитарист и композитор кој живее во Копенхаген. Тој во моментов го предводи квартетот со Марк Тарнер, Џои Барон и Томас Морган, квартетот со Пале Микелборг, Томас Морган и Хорхе Роси, како и триото со Џои Барон и Томас Морган.

Бро објавил 15 албуми како водач на бенд, со импресивна листа музичари како Ли Кониц, Бил Фризел, Пол Моушн, Кени Вилер, Пол Блеј, Крис Чик, Томас Морган, Бен Стрит и многу други. Настапувал во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, Австралија, Бразил, Аргентина, Колумбија, Јужна Африка, САД и насекаде во Европа. Успешната кариера на Јакоб Бро е резултат на неговата страст за истражување и откривање разновидни музички форми и се чини дека оваа страст ќе продолжи да го инспирира во создавањето на уште повеќе специјални проекти во догледна иднина.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.