„Танго на улица“ на скверот „Јадран“ во Скопје

Од денеска до сабота, секое попладне на скверот „Јадран“ во центарот на Скопје ќе се одржи манифестацијата „Статуафест – Другото лице на улицата“. Годинава фокусот е на тангото. Под мотото „Танго на улица“ од 18.30 до 23 часот овој дел од Скопје ќе биде претворен во раздвижен простор со страсните скопјани кои со сиот свој дух лудуваат по тангото.

– Годинава „Статуафест“ е раскажува за тангото, дури и му даде име на фестивалот „Танго на улица“, со тенденција да го претвори Скопје во една мала, но, сепак, голема уличка, сместена некаде во некој раздвижен простор во длабочините на духот на аргентинското танго, тежнеејќи да ги види и запознае оние страсни скопјани кои со сиот свој дух лудуваат по тангото, при тоа, „премачкани” во и со тој разигран уличен миг на евергрин. „Танго на улица“ ќе го расцупка асфалтот во ритамот на бандеонот кој, создавајќи ја музиката за танго ја возвишува до небеса сета енергија која како морница лази по телото – велат од „Театроск“, кои се организатори на фестивалот.