„Танец во фокусот“ – мултимедијален настан во чест на 75 години национален ансамбл

„Танец во фокусот“ е насловот на мултимедијалниот настан што „Танец“ го организира во соработка со Кинотеката утревечер во 19 часот. Настанот е дел од чествувањето на 75-годишнината од основањето на националниот ансамбл. Во него се предвидени повеќе содржи – проекции, осврти, презентации, дебата, ревијални и музички перформанси, кои во својот фокус го имаат „Танец“, како еден од највлијателните и најинспиративните ансамбли во целокупната култура кај нас и во светот. Сите учесници, низ сопствена перспектива ќе го опсервираат „Танец“, како жив чувар на македонското културно наследство и како нивна лична инспирација.

Низ повеќе обраќања и теми поврзани со значењето на „Танец“ ќе учествуваат Бранка Костиќ-Марковиќ, етномузиколог и уметнички раководител на сценско-уметничката дејност во „Танец“, доцент д-р Стојанче Костов, истражувач на народните ора и научен соработник од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, проф. д-р Митко Хаџи-Пуља од Архитектонскиот факултет, Ласко Џуровски, типограф,  м-р Благица Илиќ – етнолог и професор по народни игри и песни од Насоката за традиционална музика и игра во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, Светлана Ќириќ, етнолог и стручен соработник за сценско-уметничка дејност во НУ Танец и др. Ќе биде прикажан филмот „Ритам и звук“ на режисерот Трајче Попов

Ќе настапат и студентите од Одделот за етнологија и антропологија при ПМФ на УКИМ. Ќе биде организирана и дебата за жената и нејзиното влијание врз македонската облековна практика во минатото и денес. Во дебатата учествуваат проф. д-р Јасминка Ристовска Пиличкова од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје, проф. д-р Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ во Скопје, проф. д-р Јана Манева – Чупоска од Факултетот за арт и дизајн при на ЕУРМ и костимографката Тодорова – Младеновиќ, поранешна професорка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и Технолошко-металуршкиот факултет.

Сподели