Култниот драмски текст „Диво месо“ на Горан Стефановски, овојпат во форма на танцова претстава, ќе биде поставен и премиерно изведен на 27 март, на големата сцена на Македонскиот народен театар во Скопје. Претставата е во режија на Борче Начев. Кореографи се Алекандра Кочовска – Начева и Елена Антонова-Петровиќ. Тројцата го направија и изборот на музиката. Композитор е Албин Сопа.
Станува збор за копродукциски проект помеѓу МНТ и „Арт култ-ура!“, а е поддржан од Министерството за култура и туризам.
„Диво месо“ е силна метафора за луѓето кои, под притисок на бедата и стравот, го губат човечкото во себе и се претвораат во „диви тела“ што сакаат само да преживеат. Ова танцово –музичко – сценско парче уметност, нема да зборува само за минатото, туку и за секое друго време каде што човекот се соочува со неправда, апатија и морална празнина. Со оваа танцова постановка наметнуваме едно вечно прашање: дали човекот може да остане човек, кога светот околу него се распаѓа? „Диво месо“ е предупредување и огледало за нас, за општеството и за човечката совест.
„Диво месо“ е драма за распаѓањето на човечноста во време на страв, глад и морална пустина.
Во танцовата верзија, зборот прераснува во движење,танц, гест и тело – затоа што токму телото е најсилниот симбол на ова дело. Телото што гладува, страда, молчи, преживува… станува „диво месо“
Постановката се темели на физички театар и современ танц, со елементи на длабока емотивна состојба на ликовите преку актерска игра. Моќниот вербален дијалог на Стефановски сведен на есенцијалните реплики во драмата (Ќе има војна! Доста беше и ваков мир!) се изразува со ритам, дишење, пулс, треперење на телата. Сцената се гради и распаѓа заедно со ликовите.
Учествуваат: Лука Ѓорѓиевски, Давор Милев, Дора Пајдакова, Мила Ангелова, Моника Ѓоргиева, Јана Ѓоршовска, Ивана Ралев, Небеска Шумковска, Кристина Петрова, Ана Митревска, Теона Димитриевска, Милена Тримческа, Мила Атанасова, Кристина Коцевска, Теона Голчева, Евгенија Павловиќ.





